Лавров и Блинкен: Да ѝ се стави крај на нездравата клима во односите Русија-САД

12

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги поздрави „конструктивните“ разговори со својот американски колега Антони Блинкен, по нивната прва средба по изборот на американскиот претседател Џозеф Бајден. Блинкен исто така ја изразил длабоката загриженост на Соединетите Држави во врска со натамошното воено распоредување на Русија во Украина и во нејзината близина.

„Разговорот ми се чинеше конструктивен“, рече Лавров, пренесе РИА Новости.

Русија и Соединетите Држави „ја разбираат потребата да ѝ се стави крај на нездравата клима што се формираше во односите меѓу Москва и Вашингтон во последните години“, рече Лавров.

Министрите за надворешни работи на Русија и Соединетите Држави се состанаа во Рејкјавик, каде што отпатуваа на министерскиот состанок на Арктичкиот совет.

Лавров исто така рече дека има впечаток дека Американците, како и Русите, не се задоволни поради меѓусебното протерување на дипломатите, што се случи во повеќе наврати во последните неколку години.

„Оваа верижна реакција, според моето мислење, не помага никому“, рече тој.

Лавров исто така рече дека Русија го потврдила својот предлог „да почне дијалог за сите аспекти на (…) стратегиската стабилност“.

Според изјавата на портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, Блинкен исто така изразил загриженост во врска со постапките на Русија против Гласот на Америка и Радио Слободна Европа, како и за здравјето на опозицискиот лидер Алексеј Навални и репресијата врз опозициските организации.

Тие разговараа и за областите каде што народите на Соединетите Држави и Русија може да имаат корист од подобрената соработка, вклучително и Авганистан, стратегиската стабилност и сузбивањето на нуклеарните програми на Иран и Северна Кореја.

Средба меѓу Џозеф Бајден и рускиот претседател Владимир Путин може да се одржи во јуни во трета земја, според Москва и Вашингтон, иако датумот и местото сè уште не се официјално утврдени.