Лавров: односите меѓу Русија и САД се полоши отколку за време на Студената војна

9

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека односите меѓу Русија и Соединетите држави сега се полоши отколку за време на Студената војна поради недостаток на меѓусебно почитување. Лавров рече дека Москва е подготвена да ги нормализира односите со Вашингтон, но дека САД треба да престанат да дејствуваат како „суверен“ додека ги собираат своите сојузници против Русија и Кина. Доколку Соединетите држави го отфрлат дијалогот со меѓусебно почитување заснован врз рамнотежа на интереси, „ќе живееме во услови на Студена војна или уште полошо“, рече Лавров во интервју за руската државна телевизија.

Тој рече дека за време на Студената војна, тензиите биле големи и дека често се појавувале ризични ситуации, но дека тогаш постоело меѓусебно почитување и дека му се чинело оти „сега има дефицит од тоа“. Претходно овој месец, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден воведе санкции кон Русија, обвинувајќи ја за мешање во претседателските избори во САД во 2020 година и за вмешаност во хакирање на американските федерални агенции, што Москва го негираше. Соединетите држави наредија протерување на десет руски дипломати, воведени се санкции за десетици компании и физички лица, а воведени се и нови ограничувања за руското кредитирање.

Русија брзо возврати со протерување на десет американски дипломати, ставање во црна листа на осум сегашни и поранешни американски функционери и заострување на условите за работа на американската амбасада. Како дел од ограничувањата, Русија објави забрана за вработување руски државјани или државјани на трети земји во американската амбасада и конзулат. Слични забрани ќе бидат применети и за другите држави кои се карактеризираат како „непријателски“. Рускиот министер за надворешни работи изјави дека Москва има позитивен став во врска со предлогот на Бајден да се одржи самит со рускиот претседател Владимир Путин, но додаде дека Русија допрва треба да ги анализира сите аспекти на иницијативата.