Ларсон Јаин: Реформите се клучот за одење напред кон евроинтеграциите

2

 

Во однос на проширувањето на Унијата пораката на ЕУ беше јасна повеќе од кога и да било – иднината на овие граѓани лежи во ЕУ. Ние ќе бидеме посветени да ви посакаме добредојде во Европската Унија. Геополитичката реалност донесе нови предизвици. Меѓутоа, бенчмарковите мора да се исполнат. Северна Македонија се покажа како добро подготвена и високо професионална во процесот на скрининг и си постави амбициозни цели.

Ова денеска го истакна шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Јаин, претставувајќи ги приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ пред Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание.

Таа порача дека реформите се клучот за одење напред кон европската интеграција.

-Европската Унија е Унија што се заснова врз вредности, почитување на владеењето на правото и индивидуалните права. Реформите во владеењето на правото, фундаменталните права и судскиот систем, како и силната заложба за борба против организираниот криминал и корупцијата, претставуваат клуч за одење напред кон европската интеграција, рече Ларсон Јаин.

Шведското претседателство, истакна таа, ќе продолжи со активностите за давање кандидатски статус за Украина и Молдавија, како и за Грузија, паралелно со процесот на интеграција на Западен Балкан и, како што рече, ЕУ ќе продолжи со поддршка на овие држави во спроведување на реформите како дел од нивниот интегративен процес.

-Заложбата на Шведска кон евроинтеграцијата на Западен Балкан се рефлектира и во програмите за соработка што ги имаме со повеќето држави од регионот. Во однос на Северна Македонија станува збор за сума од 6 милиони евра за минатата година од овие програми. Секако дека таа поддршка ќе продолжи, додаде Ларсон Јаин.

Шведската амбасадорка порача дека ова е време за историски предизвици за земјите-членки на ЕУ како целина, истакнувајќи дека руската неприфатлива, непрејудицирана агресија врз Украина е закана за безбедноста на Европа со ужасни последици по безбедноста, храната…

-Европа и нејзините земји-членки дадоа огромна поддршка на Украина. Како претседателство ќе ја продолжиме таа работа, односно работата на претходните претседателства во развој на заеднички одговор, соработка на партнерите од доверба и ќе стоиме до Украина колку што е потребно. Усогласеност со заедничката безбедносна политика на ЕУ и санкциите против Русија остануваат клучни.  Едногласноста на Северна Македонија на овој план е исто така многу ценета, изјави Ларсон Јаин.

Таа потсети дека и покрај тоа што е преземено одлучно дејство, многу е важно да останеме цврсти за долготрајниот раст на економијата и оти во овој контекст Шведска ќе претседава со Советот.

-Безбедноста, конкурентноста, зелената и енергетската транзиција, демократијата и владеењето на правото, тоа се приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ за време на првата половина со 2023 година, рече Ларсон Јаин.

Првиот приоритет е, рече таа, осигурување безбедност за граѓаните на ЕУ со зајакнување на Европската унија во светот.

-Цврстиот одговор на ЕУ во однос на агресијата врз Украина е од клучна важност. ЕУ ќе продолжи со воена и економска поддршка за Украина како и поддршка за украинскиот пат кон ЕУ. Ова ќе бара понатамошни напори и на национално и на ниво на ЕУ. Понатамошни чекори се потребни за реконструкција и реформа кон европска интеграција. За да се зајакне безбедноста на Унијата, мора да изградиме консензус кон една робусна европска безбедносна политика и одбрана, во тесна соработка со партнерите. Исто така важен дел од ова е да се бориме против прекуграничниот организиран криминал со континуиран одговор на барањата на граѓаните за безбедни и сигурни заедници, порача таа.

Вториот приоритет, нагласи Ларсон Јаин, е да се зајакне конкурентноста во ЕУ со цел да се пресретнат долгорочните предизвици за растот.

-Отворениот пазар не само што генерира раст но и да водиме кон зелената транзиција. Снабдувањето минерали од одредени земји претставува ризик и мора да се справиме со тоа на начин што ќе ја продлабочиме трговијата со други земји, рече Ларсон Јаин.

Шведската амбасадорка заклучи дека третиот приоритет е забрзување на зелената транзиција.

– Шведското претседателство ќе ги продолжи напорите со високите и нестабилни цени на енергијата, истовремено осврнувајќи се кон долгорочните реформи на енергетскиот маркет. Одговорот за климатските промени мора да биде глобален, Европа мора да води со пример за испорачување резултати во однос на амбициозните климатски цели, истакна Ларсон Јаин, претставувајќи ги приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ, пред Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание.