“ЛГБТ Јунајтед Тетово” неосновано се жали против “КОХА”, одлучи СЕММ

58

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 26 февруари 2021 година, врз основа на примена жалбa од Здружение ЛГБТ Јунајтед Тетово, ја донесе следната:

О Д Л У К А
ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА

Весникот „Коха“ со текстот „LGBT MË Е FORTË SE PARTITË SHQIPTARE! Shembulli i Deskoskës me librat skandaloz“ („ЛГБТ посилно од албанските партии! Примерот на Дескоска со скандалозните книги“), не ги прекршил етичките и професионални стандарди.
ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 13 февруари 2021 година, Здружението ЛГБТ Јунајтед Тетово поднесе жалба за текстот со наслов „LGBT MË Е FORTË SE PARTITË SHQIPTARE! Shembulli i Deskoskës me librat skandaloz“ („ЛГБТ посилно од албанските партии! Примерот на Дескоска со скандалозните книги“), објавен на 12 февруари 2021 година, во печатеното издание и на веб-порталот на весникот „Коха“ (www.koha.mk). Во жалбата се наведува дека оспорениот текст содржи мешање на факти и мислење, вест и коментар, неточно и нефер известување, говор на омраза и дискриминација, односно дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членовите 1, 10 и 13.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со весникот „Коха“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.

Директорот на медиумот, уредникот и новинар, Лирим Дулови одговори на наводите на жалбата. Тој ја отфрла жалбата како неоснована и во својот одговор се осврна на неколку сегменти од оспорената содржина и забелешките на жалителот. Тој појаснува дека жалителот нема наведено ниту еден пример од спорната содржина, во кој има елементи на жалбените наводи кои се истакнати во жалбата. Во овој контекст, односно за ненаведувањето на ниту еден дел од спорната содржина од жалителот, Дулови појаснува дека не се поткрепени по ниту еден основ тврдењата за истакнатите жалбени наводи. „Оваа претставка е неоснована, бидејќи е неаргументирана со ниеден доказ, и како таква бараме да ја отфрлите целосно, со напомена дека жалителот не навел ниеден пример за паушалните тврдења и тешки обвинувања кон весникот „Коха“.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Комисијата во оспорениот текст не најде елементи на мешање на факти и мислење, вест и коментар, неточно и нефер известување, говор на омраза и дискриминација, ниту прекршување на Кодексот на новинарите во членовите 1, 10 и 13, на кои упатува жалителот.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На седницата на 26 февруари 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Се работи за содржина која произлегува од јавниот интерес. Авторот на текстот отвора оправдани прашања и дилеми поврзани со спорните содржини во учебникот по географија за средно образование и за несоодветниот начин на кој била претставена албанската заедница во Македонија. Авторот прави компаративна ретроспектива на случајот со учебникот по географија и случаите од минатото кога други учебници биле повлечени од образованиот процес поради контроверзни содржини, проблематизирајќи ја ажурноста на надлежните во актуелниот случај. Во таа насока, авторот го посочува влијанието на ЛГБТ заедницата во Македонија, под чиј притисок експресно биле ревидирани спорните учебници во минатото, воедно, правејќи споредба со наводната неажурност на политичките елити да го забрзаат процесот на ревидирање и на учебникот по географија. Спротивно на наводите на жалителот, Комисијата во оспорениот текст на „Коха“ не најде елементи на дискриминаторско известување на сметка на ЛГБТ популацијата, ниту ставање на припадниците на оваа заедница во каков било негативен контекст. Напротив, став на Комисијата е дека искажаните ставови на авторот се повеќе афирмативни во однос на ЛГБТ заедницата, во смисла дека како здружение биле еден од клучните фактори за промена на спорните учебници во минатото што, од друга страна, не е случај со сегашното дејствување на политичките партии кон проблематичните содржини.

Оттука, Комисијата најде дека текстот на „Коха“ не отстапува од професионалните и етички стандарди и дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Забелешка, според дел од членовите на Комисијата, е во пренагласеноста на насловот, особено поради назначувањето на интерпункцискиот знак „извичник“ („ЛГБТ посилно од албанските партии!“), што во одредена мера може да се протолкува како извесна тенденција или провокација. Сепак, став на Комисијата е дека таквиот наслов е поставен единствено во насока на покренување посилна јавна дебата на прашања од јавен интерес. Во оваа прилика, Комисијата потсетува на обврската на медиумите дека треба да бидат исклучително внимателни кога известуваат за маргинализираните групи граѓани, вклучително и за темите што ја засегаат ЛГБТ заедницата.

Кога известуваат за проблемите на различните групи и заедници во општеството, медиумите треба да пристапуваат крајно внимателно, да употребуваат коректна и стандардизирана терминологија и да не употребуваат навредливи коментари или изрази со кои несвесно ќе ги создаваат или ќе ги засилуваат стереотипите за нив. Комисијата забележува и на неодмереноста на јазикот на авторот во дел од текстот, кој користи зборови кои можат да предизвикаат нетрпеливост и подгревање на меѓуетнички тензии, како во случајов: „Децата продолжуваат да учат со истите книги кои Албанците ги сметаат за дивјаци и дека со насилството и малтретирање им го одзеле богатството на Македонците.“, цитат кој воопшто го нема во предметниот учебник по географија, а од кој се добива впечаток како да е дел од неговата содржина.

Во оваа прилика, Комисијата потсетува на обврските на медиумите во однос на начинот на известување со цел да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација врз која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)

Искуството од професионалните медиумски кругови покажа дека е корисно медиумските претпријатија да се стремат на:

*избегнување понижувачко и стереотипно прикажување на припадниците на културните, етничките или религиозните заедници во публикации или програмски услуги;
*прикажување на културните, етничките и религиозните заедници на избалансиран и објективен начин и на начин што ќе ги рефлектира перспективите и погледите на овие заедници;
* * *
Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.

Се обврзува веб – порталот на весникот „Коха“ (www.koha.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.