ЛЕВИЦА ПОБАРА СЛОБОДА ЗА ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ Кривично да се гони претседателот на „Иван Михајлов“

19

Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Аламбаковски, порачаа од Левица.

Денешната објава за експресно апсење на лицето кое го запали клубот, што го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, само потврди дека власта на СДСМ и на ДУИ е во целосна служба на бугарскиот неоврховизам, се вели во соопштението испратено од Левица.

„Потсетуваме дека Левица пред еден месец поднесе кривична пријава против претседателот на здружението „Ванчо Михајлов”, поради „излагање на подбив на македонскиот народ“ и „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. За оваа кривична пријава, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка. Повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза“, се вели во партиското соопштение.

Оттаму додаваа дека во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Аламбаковски.

„Секоја друга пресуда, освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ! Од тие причини, Левица ќе стапи во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат Аламбаковски и ќе се понуди да ги покрие трошоците на одбраната. Слобода за Ламбе Алабаковски“, потенцираат од Левица.