Левица со поддршка за средношколскиот бојкот: Наместо игнорантски однос, Царовска да најде решение

19

Левица ги поддржува матурантите во нивното настојување низ институционални мерки, во согласност со позитивните законски одредби, да продолжат со своето барање за соодветно решение во врска со начинот и формата на изведување на државната матура, велат од партијата
Партијата Левица изрази поддршка кон средношколците кои ја бојкотираат наставата поради актуелниот концепт на државната матура.

Од партијата ги обвинија Министерството за образование и наука и министерката Мила Царовска за игнорантски однос и побараа да се воспостави дијалог и да се изнајде решение за барањата на средношколците.

„Првото полугодие од виртуелната 2020/21 наставна година заврши со бојкот на наставата од учениците во завршните класови во средните училишта. Бојкотот продолжи и во второто полугодие, проследен со игнорантски, дрзок, деспотски однос од страна на надлежните и министерката Мила Царовска. Едно од правата кои ги уживаат граѓаните на државава е и со Устав гарантираното право за слобода на говор и мислење. Според тоа право, секој, вклучувајќи ги тука и средношколците, има право слободно, без притисоци и закани, да си ги искаже своите ставови. Никој не може да биде казнет за изнесен став, па дури и кога ставот не му се поклопува со оној на наставникот, стручниот соработник, директорот на училиштето или било кој друг авторитет. Притоа, на средношколците, како и на секој друг граѓанин на државава не им е потребна дозвола од било кој да си ги искажат ставовите. Правото на говор може да биде ограничено само доколку говорот претставува говор на омраза, поттикнува извршување кривични дела, или истиот е елемент на кривичното дело“, се вели во соопштението.