Лекарите во Хрватска предупредени – ќе останат без плата ако на одмор заболеле од Ковид-19

13

После враќањето од одмор, лекарите во Хрватска добија различни „анкети“ и предупредување од болничката управа дека нема да добијат плата доколку се потврди дека се позитивни на Ковид-19, а се заразиле по своја вина додека биле на одмор.

Хрватското здружение на болнички лекари (ХУБОЛ) силно го осуди „обидот за дискриминација и евентуално незаконско потстапување“ кон медицинскиот персонал, јави агенцијата Хина.

Здружението на лекари смета дека со тоа се дискриминираат здравствените работници во однос на останатото население, затоа што се планира само тие да бидат „казнети“.

Тие изјавуваат дека иако министерот за здравство, Вили Берош, негираше дека платите на лекарите ќе бидат скратени, тој сепак ги дели на три категории: заразени на работа, надвор од работа и болни.

ХУБОЛ посочува дека категоризирањето на начинот на инфекција со лекарите со Ковид-19 и „класифицирањето и казнувањето на само една група граѓани врз основа на начинот на кој тие се разболеле, е јасно дискриминаторско и противуставно, а во исто време и професионално неосновано“.

Во изјавата, ХУБОЛ потсетува дека, според хрватскиот закон, неисплатата на плата, доколку работата се изврши во согласност со договорот за вработување, е кривично дело и дека хрватските лекари, ако им се повредени правата, ќе бидат принудени да одат на суд.