Лекарска комора: Ковид-19 сериозна закана за дијабетичарите, неопходна почеста контрола на гликемијата

20

Проф. д-р Миленковиќ потенцира и дека направени студии потврдуваат дека дијабетесот е навистина голем ризик фактор за морталитет од ковид-19.

Ковид-19 сериозно ги засега дијабетичарите бидејќи тие иако не се разболуваат почесто во споредба со општата популација сепак, во случај на инфекција, развиваат потешки форми на болеста кои може да завршат и со смртен исход.

Кај пациенти со дијабетес кои се инфицирани со Sars-CoV-2 неопходно е почесто да се контролира нивото на шеќер во крвта, гликемиската терапија да се прилагодува на дневна база и пристапот во лекувањето да биде во зависност од тежината на болеста. Ова се препораките кои проф. д-р Татјана Миленковиќ од ЈЗУ Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот ги сподели на неделната он-лајн дебата која ја организира Лекарската комора на РСМ, а овој пат беше на тема „Ковид-19 и дијабетес“.

Пациентите со белодробна опструктивна болест, дијабетес, хипертензија и малигни тумори имаат значително поголем ризик за тешка форма на болеста ковид – 19.

– Во секојдневната пракса и соочување со овие пациенти гледаме и дека колку е поголем број на коморбидитети толку се поголеми и шансите за да дојде до компликации и фатален исход – изјави проф. д-р Миленковиќ.

Таа потенцира и дека направени студии потврдуваат дека дијабетесот е навистина голем ризик фактор за морталитет од ковид-19.

– Голема национална студија во Кина покажала дека морталитетот на пациенти со дијабетес бил 10 проценти, додека кај пациенти без дијабетес 2.5 проценти. Кинескиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека пациентите без коморбидитети имаат стапка на морталитет 0.9%, додека кај пациентите со дијабетес стапката на морталитет е 7.3% – објасни проф. д-р Миленковиќ.

Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик за компликации од ковид-19 и фатален исход поради повеќе причини меѓу кои и тоа што имаат дефекти во имунитетот, имаат зголемен ризик за тешки инфекции поради зголеменoто ниво на цитокини, а инфекцијата со ковид-19 ја зголемува состојбата на инсулинска резистенција кај дијабетесот.

– Целокупната смртност од ковид-19 е поголема кај луѓето со дијабетес тип 1 во споредба со дијабетес тип 2. Главните ризик фактори кај пациенти со дијабетес тип 1 за полош клинички исход на инфекција со вирусот се пациенти постари од 50 години, долго траење на дијабетесот, голема преваленца на придружни заболувања. Забележана е поголема зачестеност на дијабетесна кетоацидоза кај деца и адолесценти со новоткриен тип 1 дијабетес за време на ковид-19, но инциденца е иста во споредба со претходните години во истиот временски период што се претпоставува дека покажува дека ковид – 19 не ги зголемува шансите за појава на тип 1 дијабетес, само ја влошува прогнозата за лекувањето – објаснува проф. д-р Миленковиќ.

На лошата состојба на пациентите со дијабетес влијае и тоа што долго време се во домашен карантин, не се подложни на редовни контроли што дополнително го влошува дијабетесот и допрва ќе се гледаат негативните последици од тоа, а и стресот и паника која ја чувствуваат негативно влијае на регулацијата на шеќерот.

Иако не постојат доволно докази за медицина базирана на докази за ковид-19 третман кај луѓе со дијабетес, сепак постојат препораки. За лесни и умерени помлади пациенти со ковид-19, треба да се држи строга / тесна гликемиска контрола (4.4-6.1 гликемија на гладно и 6.1-7.8 после оброк). За лесни и умерени стари пациенти или пациенти на гликокортикоиди, потребна е пониско или средно ниво на гликемиска контрола ( 6.1 -7.8 кликемија на гладно и 7.8-10 после оброк). За тешки и критични пациенти, постари пациенти, пациенти кои не поднесуваат хипогликемии или пациенти со сериозни кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања, потребно е да се одржува ниско ниво на гликемиска контрола (7.8-10.0 на гладно и 7.8-13.9 после оброк).

Проф. д-р Миленковиќ појасни дека точно се знае кои од препаратите за лекување на дијабетесот може да се даваат на дијабетичарите со ковид-19, а кои може да ја влошат состојбата и треба да се одбегнуваат. Какво ќе биде лекувањето зависи од тежината на болеста и од видот на дијабетот.

– Гликемиската контрола мора да се оптимизира, особено кај хоспитализирани пациенти со дијабетес, потребно е често прилагодување на терапијата. Метформинот може да се користи кај лесни случаи со ковид-19 сѐ додека кислородната сатурација е добра, но ако таа намалува лекот треба веднаш да се прекине и да се премине на инсулин. Инсулинот се преферира како најмоќно средство за контрола на гликемијата и кај некритични пациенти се дава поткожно, додека кај критични пациенти со сериозно нарушување на гликемијата, дехидратација и електролитен дисбаланс инсулинот се дава инстравенски со интензивна инфузија на течности – изјави проф.д-р Миленковиќ.

„Ковид и дијабетес“ беше 12-та по ред он-лајн дебата, на која лекарите од различни нивоа на здравствениот систем имаа можност да разменат искуства и најнови информации околу третманот на пациентите инфицирани со пандемискиот вирус.