Либискиот воен лидер Хафтар се согласи на прекин на огнот иако не го потпиша договорот

4

Либискиот воен лидер Калифа Хафтар во принцип се согласи за прекин на огнот, изјави во четвртокот германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас по средбата со бунтовничкиот либиски генерал во Бенгази.

„Тој се согласи да го почитува прекинот на огнот и покрај тоа што не го потпиша договорот на почетокот на оваа недела во Москва“, рече Маас.

„Тоа е исклучително важно“, додаде тој.

Маас се состана со Хафтар во четвртокот, откако средбата на Хафтар со неговиот главен противник, премиерот Фајез ал-Сераџ во Москва на почетокот од оваа недела, заврши со разочарување и непотпишан договор за прекин на огнот.

Во Берлин во недела треба да се одржи меѓународна конференција за Либија, на која треба да се присуствуваат Хафтар и Ал-Сераџ.

Хафтар во разговор со Маас, во принцип се согласи да присуствува на конференцијата.

Либија има две влади, слаба меѓународно призната влада во Триполи предводена од Ал-Сераџ и друга во Тобрук, поддржана од Хафтар.

На конференцијата во Берлин исто така ќе присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон, изјави извор од Елисејската палата.

Париз ја поддржа офанзивата на Хафтар во јужна Либија, но негираше дека ја поддржа неговата офанзива на Триполи што започна во април.

Маас рече дека конференцијата во Берлин е „најдобрата можност“ за започнување мировни преговори.

„Се надевам дека страните ќе ја искористат оваа можност да ја вратат иднината на Либија во либиски раце“, додаде тој.