Лидерите на Кипар, Грција и на Израел ќе потпишат договор за изградба на гасовод

3

Лидерите на Кипар, Грција и на Израел планираат следната недела да потпишат договор за изградба на гасовод за природен гас во источниот дел на Медитеранот.

Договорот ќе биде потпишан во Атина на 2 јануари од страна на грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, кипарскиот претседател, Никос Анастасијадис, и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, пренесува АП.

Се планира гасоводот да поминува низ Средоземното Море, од израелските резерви на гас во Левантското Море, до грчкиот остров Крит и грчкото копно, а потоа и во Италија.

„Договорот ќе биде финализиран кога ќе биде потпишан и од Италија“, соопштија од кабинетот на Мицотакис.

Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, во мај изрази спротивставување на проектот „Посејдон“, последниот дел од гасоводот „Истмед“, што треба да ги поврзе Грција и Италија.

Се очекува гасоводот „Истмед“ да задоволи околу десет проценти од побарувачката на природен гас во Европската Унија (ЕУ), што ќе ја намали нејзината енергетска зависност од Русија.