Лидерска средба- Ќе бидат ли одложени изборите?

12

Лидерите на политичките партии денеска на средба на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски ќе разговаараат за мерките против ширењето на коронавирусот. Главното прашање кое треба да биде одговорено е дали партиите ќе ги усогласат ставовите и ќе се одложат изборите за 12 април поради прогласената пандемија?

Координација на претставници на политичките партии закажа за денеска премиерот Оливер Спасовски во врска со реализацијата на владините мерки за справување со коронавирусот. Средбата ја потврдиле лидерите на партиите и по уште еден претставник на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Владата пред некој ден донесе нови мерки за справување со ширењето на инфекцијата. Образовните установи нема да работат 14 дена. Истовремено, се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено со над 1000 луѓе. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери е скептичен дека партиите ќе постигнат согласност за соочување со вирусот, бидејќи тие и овој момент ќе го се обидат да го користат во своја полза.

„Впрочем деновиве имаше и такви обиди со барања за оставки и за затварање, дури и на министри. Мислам дека тоа ќе биде само една средба на која ќе се изнесат различни позиции околу мерките, активностите и спремноста на нашиот здравствен систем. Но, не некоја сериозна усогласеност на ставовите и заеднички напори во справувањето со оваа криза“, вели Зибери.

Од Владата претходно апелираа дека никој од коронавирусот сега не треба да профитира политички.

„Во овие услови на ваква криза секој оној кој ќе калкулира за политика, за политички поени, за сензационализам и за што било на грбот на граѓаните и нивното здравје, некој да гради своја среќа на туѓа несреќа е осудено на пропаст“, порачаа од Владата на брифинг со медиумите.

Министерот за здравство Венко Филипче прашан дали состојбата со коронавирусот ќе предизвика одложување на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 12 април одговори дека е тешко да се предвиди како ќе се одвива натаму сотојбата.

„Во однос на изборите кажав дека ја пратиме состојбата и навистина многу тешко е да се предвиди што и како ќе се развива“, вели Филипче.

Зибери не ја исклучува можноста изборите да бидат одложени.

„Доколку состојбата ескалира несомнено дека ќе има потреба од заострување на мерките. Први на удар ќе бидат изборите, бидејќи масовни собири, трибини и пропаганда практично ќе се оневозможи. Во тој случај мислам дека нецелисходно ќе биде да се размислува за друг термин“, додава Зибери.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека изборите треба да се одржат. Според него, сите државни ресурси се подготвени, екипирани и парламентот е распуштен и веќе е подготвено се она што е претходна постапка и е завршено.

Коронавирусот пред свикување на средбата доби и политичка димензија. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Филипче направил серија на пропусти во спречување на ширењето на инфекцијата и од опозициската партија најави и кривична пријава против него.

Од Владата возвратија дека врв на неодговорност е пријавата за Филипче.