Ликовните педагози се против идејата за спојување на ликовно и музичко во еден предмет

16

За целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од прво до деветто одделение.

Иницијативен одбор на ликовни педагози на РМ и Детски ликовен центар-Скопје реагира на идејата на МОН за спојување на ликовно и музичко во еден предмет оти, како што велат, ќе се изгуби суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Тие сметаат дека е потребна поголема застапеност на часовите по ликовно, но и промена на моделот и програмата.

-За целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од прво до деветто одделение. Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од прво одделение со цел да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност. Предметот ликовно да е дел од програмата на средните стручни училишта со два часа неделно, особено училиштата (текстилно, архитектонско) во кое се јавува особена потреба од визуелна писменост, се вели во соопштението на Иницијативен одбор на ликовни педагози на РМ и Детски ликовен центар-Скопје.

Тие сметаат дека со предложените промени, најмногу ќе изгубат учениците, но и наставниот процес во целина, бидејќи предметот ликовно образование е посебен предмет со свои специфични наставни содржини и истиот нема врска со изборните предмети.

-Сакаме да укажеме и на фактот дека во одредена мера Вашиот концепт има делумно неточни претпоставки. Имено, не е точно дека нашите ученици се премногу оптоварени, туку напротив, македонските ученици спаѓаат во најмалку оптоварените по број на часови и предмети во Европа. Оптовареноста, според нас, е во содржините и несоодветните програми, а особено во застарениот и неадекватен наставен процес и методички пристап, а не во бројот на часови и предмети. Тоа, конкретно се огледа и во предметот Ликовно образование. Имено, во ЕУ овие предмети се застапени во просек од два до четири часови, велат ликовните педагози.

Тие нагласуваат дека единствениот предмет со кој се развива креативноста е ликовното образование, кој со новата концепција за основното образование е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Од друга страна, како што велат ликовните педагози, целта на промените во образованието се прават за да се промовира критичко мислење и креативност кај учениците.

-Сакаме директно да укажеме, дека предложената идеја Ликовно и Музичко да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование, ќе доведе едноставно до неможност истиот да се реализира. Во неколку европски програми, постои таков пристап, но главно секаде спојувањето е ограничено на првите три одделенија. Ве уверуваме, не постои европска земја каде овие два предмети се во еден, сè до крајот на основното образование, истакнуваат од Иницијативен одбор на ликовни педагози на РМ и Детски ликовен центар-Скопје.

Оттаму додаваат дека и покрај тоа што на денешниот состанок со министерката во МОН Мила Царовска имаат дијаметрално спротивни гледишта во однос на концептот за предложените реформи во образованието, напоменуваат дека и понатаму се подготвени да учествуваат во креирање на политики и да соработуваат за доброто на учениците и предметот кој го предаваат.