Литл Џон: Одговорноста во борбата против корупцијата не е само на Владата, туку на сите партии

18

Напредокот што е направен во Северна Македонија за зголемување на транспарентноста и отчетноста е резултат на заедничките напори на Владата, на граѓанското општество и на приватниот сектор, изјави денеска вршителката на должноста амбасадор на САД во земјава, Џенифер Литл Џон во обраќањето на Регионалниот антикорупциски форум на СЕЛДИ во Скопје.

– Направени се важни напори во борбата против корупцијата, но уште многу треба да се направи и да се покаже една трага на истражување, гонење и судење случаи на висока корупција. Значајно е да се донесе нов закон за Јавно обвинителство, да се покаже национална заложба за борба против корупцијата и градењето силно обвинителство. Велам национална заложба затоа што ова е над политиката и е значајно за земјата и за нејзината иднина. Тоа значи дека одговорноста не е само на владината коалиција, туку на сите парламентарни партии. Опозицијата исто така има одговорност да биде конструктивна и да се вклучи во напорите. Без учество на сите политички актери овие позитивни реформи нема да напредуваат и нема да бидат ефективни, изјави Литл Џон, истакнувајќи дека градењето на понезависни, посилни и поотпорни судски институции е важна цел.

Нагласувајќи дека колективната заложба за суштински реформи е апсолутен предуслов за успех за борбата против корупцијата, Литл Џон констатира напредок во некои области, како што се слободата на медиумите, чекорите што ги прави Државната комисија за справување со корупцијата, отчетноста за трошењата на Владата достапни он лајн, како и на законските измени на судството и Обвинителството.

– Но, и покрај оваа подобрена клима, корупцијата се уште е огромен проблем. Справувањето со корупцијата е во интерес на сите нас. Според извештајот на ОН за 2018 година, вкупните трошоци за корупција во светот изнесуваат три трилиони евра. Речиси еден трилион евра се плаќа за мито, додека 2,3 трилони се украдени, што е повеќе од пет отсто од годишниот глобален БДП, изјави Литл Џон.

Амбасадорката потенцира дека никој не е имун на корупцијата и оти откако таа ќе се појави никој не поштеден од штетата што ја предизвикува.

– Но, владите не може да го направат тоа сами, бидејќи таа борба мора да биде партнерска со вклучување на сите страни, како што се граѓанските организации кои имаат суштинска улога во организирање на граѓанското општество, а потоа и стопанските комори кои треба да проговорат, нагласи Литл Џон. вг/сп/