Лицата кои прележале Ковид-19 може да се вакцинираат со една доза

35

Лицата кои прележале Ковид-19 може да се вакцинираат со една доза од вакцината, согласно стручните препораки.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дека лицата, кои прележале Ковид-19 ги нема во планот за имунизација, со образложение дека имаат антитела.

Филипче напомена дека планот е флексибилен и може да се менува согласно новите препораки и достапноста на вакцините, како и дека се разгледува и можноста и тие лица да добијат сертификат, како гаранција дека имаат имунитет, доколку треба да патуваат и да ги исполнуваат своите професионални обврски.

-Ја чекаме официјалната одлука од страна на Европската Комисија, прво дали ќе се бара таков серификат, каков ќе биде тој серификат, кој ќе го биде важечки секаде во Европа, а потоа сме подготвени да направиме и такви сертификати за да може да им служат на граѓаните, додаде Филипче.

Европската комисија денеска треба да го усвои предлогот за воведување „дигитален здравствен сертификат“ за граѓаните на ЕУ кои патуваат во рамките на Унијата, што ќе содржи информации за тоа дали некое лице е вакцинирано со вакцина за коронавирус одобрена од Европската агенција за лекови, стекнално имунитет откако се опоравил од Ковид-19 или направил PCR-тест.

Тој „здравствен сертификат“, како што истакнаа претставници на ЕК, е наменет за граѓаните на земјите од ЕУ, а кога станува збор за патници од Западен Балкан и други делови на светот, Комисијата подоцна ќе разговара со Светската здравствена организација и со Организацијата за меѓународни цивилни летови за тоа какви олеснувања може да се воведат и со примена на кои технички, интероперативни и меѓународни стандарди.