Лично Борисов го пречека Заев при пристигнувањето во Софија (ВИДЕО)

30

Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот регион ги ставаат поблиску до членството во ЕУ – вели премиерот.

Премиерот Бојко Борисов го пречека премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев во Софија, каде наскоро треба да започне Самитот на Берлинскиот процес, на кој двете земји се домаќини оваа година, соопшти претпладнево прес-службата на бугарската Влада.

– Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот регион ги ставаат поблиску до членството во ЕУ. Денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Заедничкиот регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. И во оваа прилика посебна благодарност упатуваме и до иницијаторот на Берлинскиот процес, канцеларката Меркел и на СР Германија, од кои континуирано добиваме силна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и на регионалната соработка – oбјавија од владината прес-служба.

Денеска во Софија или преку видео-врска, како што соопшти бугарската Влада, се лидерите на Западен Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, премиерите на Италија Џузепе Конте, на Грција Киријакос Мицотакис, на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Словенија Јанез Јанша. На самитот ќе учествуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и други високи гости.

– Во рамките на заедничкото домаќинство на Бугарија и Република Северна Македонија во 2020 година, главниот приоритет е да се подобри поврзаноста во сите аспекти: транспорт, енергија, дигитална поврзаност помеѓу луѓето, зближување на младите, вклучително и преку образованието – стои во соопштението на бугарската Влада за денешниот Самит.