Ловџии бараат да се пронајдат виновниците кои запалиле два ловечки објекти во подножје на Кожуф Планина

20

 

Ловџии  бараат да се пронајдат и казнат виновниците кои запалиле два ловечки објекти во подножјето на Кожуф Планина. Како што информираше денеска за МИА,  Борче Китановски, ловџија од Неготино, ловните куќи биле под селото Радња, до таканаречените „кинески колиби“ во демиркаписко.

– Едната ловна куќа беше од дрво, а другата всушност беше поголем контејнер. Некој ги запалил за време на овие  празнични денови. Има штета, со објектите изгореа и кревети, постелнина, садови за домаќинство. Случајот го пријавивме во полиција и се надеваме дека ќе има разрешница. Причина плус што мора да се реагира е и фактот што при пожарот на двата објекта, во опасност била и околната шума. Мора да се преземе нешто, за во иднина да не се случуваат вакви работи, соопшти Китановски.

Tој апелираше до сите совесни луѓе што можеби имаат било каква информација во врска со овој случај, да ја пријават кај надлежните полициски служби. Најави и награда за секоја корисна информација.

За пријавен пожар потврди и Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.

На 3 јануари во 12:40 часот во Полициската станица во Неготино, Б.К (39) од Неготино пријавил настанат пожар во неговата викенд куќа на Кожув Планина, на место викано „Кинески колиби“, демиркаписко. Увид извршила увидна екипа од ОВР Неготино и се превземаат мерки за расчистување на случајот