Лос Анџелес им нареди на амбулантните возила да не примаат пациенти со ковид-19 кои имаат мали шанси за преживување

31

Здравствените власти на Лос Анџелес им кажаа на амбулантните работници да престанат да примаат пациенти со ковид-19 кои имаат многу мали шанси за преживување откако во областа се појави недостиг на болнички кревети и медицински персонал среде последното големо ширење на коронавирусот.

Здравствениот систем на вториот најголем град во САД се соочува со колапс, бидејќи регионот се ближи кон дневната бројка од 1.000 починати од ковид-19, а болниците се преполни со пациенти. На болниците исто така им е кажано рационално да го трошат кислородот.

Њујорк издаде слична наредба во април 2020, на врвот на ширењето на заразата во градот.

Наредбата што Лос Анџелес ја издаде во понеделникот веднаш стапи на сила и важи за сите возрасни пациенти кои имаат мали шанси да бидат спасени во болница. Лос Анџелес е најтешко погодената област во САД од почетокот на епидемијата со 818.000 заразени и над 10.700 починати од ковид-19.

„Ние не се откажуваме од реанимација. Ние не сакаме да ги преполниме болниците со пациенти кои имаат многу слаби шанси за преживување и со тоа да им ги намалиме шансите за преживување на други пациенти“, изјави Мариен Гоче-Хил, директорката на Агенцијата за итни служби на Лос Анџелес.