Лукашенко: Протестите се организирани од Полска, Велика Британија, Чешка

23

Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, изјави денеска дека вчерашните протести биле организирани преку телефонски разговори од Полска, Велика Британија и од Чешка, пренесува ТАСС.

„Откривме повици од странство и како поранешен разузнавач го знаете тоа. Повиците дојдоа од Полска, Велика Британија и од Чешка за контрола, извинете на изразот, на овците: тие не разбираат што прават и се лесни за контролирање“, рече Лукашенко за агенцијата „Беита“ по состанокот со претседателот на Извршниот секретаријат на ЦИС, Сергеј Лебедев, кој беше на чело на набудувачката мисија на ЦИС на претседателските избори во неделата.

Според Лукашенко, руски, полски и украински граѓани се обиделе да учествуваат на масовните протести што се одвиваа во Белорусија.

„Нема да ја спомнам Полска: тие веќе се сместиле таму обидувајќи се да ги влечат конците. Нема да зборувам за Украина: луѓе дојдоа оттаму. Сигурен сум дека ова не е државна политика, меѓутоа таму има многу мајдански лудаци за кои веќе спомнав. За жал, некои луѓе дојдоа и од Русија“, рече тој.

Лукашенко вети дека ќе ги спречи настаните слични на „Мајдан“ и соодветно ќе одговори на обидите да ја распарчат земјата.

„Реков дека нема да се случат настани како на ‘Мајдан’ овде, без разлика колку сакаат тоа да се случи. Значи, сите треба да се смират“, рече Лукашенко.

Тој вети дека соодветно ќе одговори на обидите за дестабилизација на ситуацијата во Белорусија.

„Нема да дозволиме некој да ја распарчи земјата“, додаде тој.