Лука Циндриќ: Со Вардар во Келн го остварив својот сон!

8

Лука Циндриќ, хрватскиот репрезентативец, член на Барселона и некогашен ракометар на Вардар, со кого ја освои титулата во ЛШ во тој незаборавен јуни 2017 година, во еднo мега интервју за хрварскиот портал “Нет.хр“, се осврна и за времето кое го мина во Македонија, прво во Металург а потоа и во Вардар.

Тој се потсети на оној негов победнички гол во полуфиналето против Барса, а потоа и на триумфот над ПСЖ во големото финале.

“Да, тука го остварив мојот сон. Како клинец секогаш се замислував да бидам во улога на ракометар кој со гол во последните секунди на својот тим му носи победа на некој голем натпревар. Е, тоа беше во тоа полуфинале како член на Вардар против мојот омилен тим Барселона. Таа вечер не можев да спијам од возбуда. Тоа се случува веројатно еднаш во животот“ вели Лука.

Инаку тој, барем според неговите зборови, имал и непријатни епизоди кога станува збор за престојот во Македонија, посебно кога играл во Металург.

“Во мојата кариера најтешко ми беше кога бев на суд со Металург. Едноставно не ми даваа исписница. Тогаш во клубот беше лоша атмосфера, немаше плати по 4-5 месеци, клубот се распаѓаше. Сите добија исписници само мене не ми даваа, не знам зошто. Половина година бев без клуб. Тогаш минав во Вардар, и кај мене се појави голема желба, инает да се успее. Секако, добро за мене беше што во Вардар тренер беше Раул Гонзалез, кај кого неверојатно напредував“ потенцираше Циндриќ.