Луо Шуганг: Уметноста и културата се големо наследство и за Кина и за земјите од ЦИЕ

30

Културната соработка меѓу државите од Процесот 17+1 напредува, се надградува. Културата ја ставаме во функција на позитивниот развој на нашите општества, почитувајќи ги различностите, она што нѐ издвојува, но и соединува во глобални рамки. Во духот на Патот на свилата, кој некогаш ја олеснувал размената на културите, јазиците, науката и уметноста меѓу источните и западните цивилизации, нашата соработка мора да продолжи, како цврста основа за голем број заеднички проекти во иднина.

Ова го истакна министерот за култура Хусни Исмаили на отворањето на 4. Форум на министри за култура меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа кој денеска и утре се одржува во Скопје и од кој попладнево се очекува усвојување Скопска декларација со план за соработка во наредните две години 2020 и 2021.

Пред министрите за култура на Кина, Србија, Црна Гора и Словенија, како и претставници од министерствата за култура или амбасадори на земјите учеснички и шефови на делегации, Исмаили посочи на можноста наши институции и уметници од различни профили да ја посетат Кина и да ги надградат нивните стручни знаења и вештини. Ги нагласи и активностите на Координативниот центар на културна соработка кој во рамки на Иницијативата 17+1 лани беше отворен во Скопје, по одлуката од минатиот форум за култура во кинескиот град Хангџоу неговото седиште да биде во нашата земја.

– Како координативен центар за културна соработка со внимание ги имплементиравме усвоените документи од Процесот 17 + 1, но наш фокус, пред сѐ, беше изнаоѓањето нови модалитети на динамична културна комуникација кои ќе ни овозможи креирање нови иницијативи, културни проекти и програми. Во таа насока, со задоволство ќе ве информирам дека Центарот создаде нова веб-платформа која ќе го олесни вмрежувањето на сите субјекти во областа на културата од земјите од оваа платформа, ќе ги поттикне да соработуваат. Платформата ќе биде моќен двигател на нашата меѓусебна комуникација, истакна Исмаили.

За Планот за културна соработка за следните две години нагласи дека јасно ги дефинира идните активности. Наш императив, рече Исмаили, ќе биде интензивна соработка во библиотечната, во аудиовизуелната дејност, во областа на заштитата и културното наследство и музичката уметност.

Министерот за култура и туризам на Кина Луо Шуганг во своето обраќање посочи дека уште од првата министерска средба во 2013 година е остварен, како што рече, инспиративен напредок во соработката во културата помеѓу Кина и земјите од ЦИЕ. Организираните форуми, рече тој, се инструменти за промовирање на размената на знаења и соработката.

-Уметноста и културата се големо наследство и за Кина и за земјите од ЦИЕ. Постои огромен потенцијал во нашата соработка, затоа што сите имаме свои силни страни, или во креативноста или на пазарот, коишто може да бидат комплементарни и меѓусебно да се инспирираат преку културна размена. Кина е секогаш подготвена да ги здружи силите со ЦИЕ со цел да оствари стабилна соработка карактеризирана со отвореност, инклузивност, универзални придобивки, баланс и резултати каде сите се победници, рече Луо Шуганг.

За унапредување на соработката кинескиот министер предложи таа да биде повеќе иновативна, со тоа што културата ќе се поврзе со други области вклучувајќи го туризмот, трговијата, спортот и здравјето со цел, како што рече, да понудиме попријатно културно искуство на нашата јавност. Посочи и дека треба да се продолжи со инвестирање во постојните експертски платформи кои се важни за директните врски и заедничките програми. Притоа соопшти дека во 2020 Кина ќе учествува во организација на четири експертски форуми 17+1, меѓу кои еден (за директорите на библиотеките од 17+1) е планиран во нашата земја.

Посочи и на потребата од поголема инклузивност на локалните администрации, уметничките училишта, печатот, приватните групи и индивидуалните артисти за да се мотивираат да ги здружат нивните ресурси и заедничките програми за култура да се донесат на поголеми пазари.

-Нашата соработка треба да биде поотворена и поинтензивна. 17+1 е отворена рамка, која не е отворена само за двонасочна размена помеѓу Кина и земјите од ЦИЕ, туку и за врските со други земји членки на ЕУ, како и со земји надвор од ЕУ. Ги покануваме сите земји од ЦИЕ да се приклучат кон нашите меѓународни унии на Патот на свилата на театри, музеи, библиотеки, музеи на уметност и уметнички фестивали, и да учествуваат во нашите уметнички фестивали и изложби во Иницијативата појас и пат со цел да имаме меѓусебни придобивки, соработка и да учиме едни од други, нагласи министерот Луо Шуганг, додавајќи дека со нетрпение ги исчекува заедничките заложби во иднина за градење, како што рече, појаки партнерства и испорачување конкретни резултати во културната соработка 17+1.

Во главниот панел за дискусија на Форумот учествуваат министрите за култура на Црна Гора, Словенија и Србија – Александар Богдановиќ, Зоран Познич и Владан Вукосављевиќ, заменик-министерката за култура на Албанија Валбона Шујаку, помошник-министерката за култура на Хрватска – Дубравка Ѓуриќ-Немец, заменик-министерката за интернационални врски и легислатива на Чешка – Петра Смоликова, државниот секретар во Министертството за култура на Унгарија Петер Фекете, претставниците од министерствата за култура на Грција – Јоргос Каламантис, Летонија – Улдис Заринш, Литванија – Даива Паулскиене, Полска – Павел Левандовски, Романија – Ирина Цајал Марин, амбасадорите на Босна и Херцеговина – Драган Јачимовиќ, Бугарија – Ангел Ангелов и Словачка – Хенрик Маркуш.

Во попладневната сесија на Форумот учесниците ќе ги поздрави премиерот Зоран Заев, а на собирот треба да биде усвоен финалниот документ – Скопска декларација со план за соработка во 2020 и 2021 година.