„Луфтханза“ од утре во штрајк – најава за хаос во авиосообраќајот во Европа

1

Како што објавува Дојче веле, компанијата „Луфтханза“ објавила дека в петок ќе ги откаже речиси сите летови поради штрајкот на пилотите кои бараат повисоки плати и досега не постигнале договор со менаџментот

Пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ најавија штрајк за утре, што претставува голем удар за авиосообраќајот бидејќи засегнува милиони патници во светот.

Како што објавува Дојче веле, компанијата „Луфтханза“ објавила дека во петок ќе ги откаже речиси сите летови поради штрајкот.

Синдикатот на пилоти бара зголемување на платите за 5,5 отсто оваа година за повеќе од 5 000 пилоти. Сепак, како што соопштија од синдикатот, преговорите пропаднале.

„Ниту денеска не добивме доволна понуда“, изјави портпаролот на синдикалната организација, Матијас Баер.

Штрајкот ќе влијае и на патничките и на товарните летови, наведува ДВ.

Најавата за штрајк на пилотите доаѓа откако пилотите во филијалата на „Луфтханза“ – „Еуровингс“, исто така, постигнаа согласност за штрајк претходно во текот на денот. Тие, сепак, прво сакаат да ги продолжат преговорите за плата со нивниот работодавец.

Како и повеќето големи авиокомпании, така и „Луфтханза“ беше блиску до несолвентност за време на екот на патните ограничувања на почетокот на пандемијата со ковид барајќи голем пакет владини заеми за да се одржи во живот.

Авиокомпаниите, вклучително и „Луфтханза“, беа принудени да откажат илјадници летови ова лето поради штрајкови и недостиг на персонал.

Тоа предизвика повеќечасовни редици на главните аеродроми и нервоза кај патниците.

На почетокот на овој месец менаџментот на „Луфтханза“ постигна договор за плати со персоналот на копно избегнувајќи понатамошни напуштања откако штрајкот ја принуди да откаже повеќе од 1 000 лета.