Маглите стасаа, а државата без мерка за загадувањето

20

Магливите денови по котлините деновиве го актуализираа проблемот со загадувањето на воздухот во поголем број градови во државата. Според податоците на Министерството за животна средина (МЖСПП), зачестија зголемени концентрации на ПМ10 честичките, измерени на веќе вообичаените мерни места, пишува Слободен Печат.

Во понеделникот, прекумерно загадување било забележано во Лисиче – 84,7 микрограми на кубен метар, потоа во Кичево, Тетово, во Велес, Кавадарци и Куманово. Кавадарци, Кичево. Според истиот извор, досега годинава најголем број денови со измерено загадување имало во Кавадарци – 104, во Кичево – 82, скопско Лисиче – 85 дена со надминати вредности на ПМ 10 честичките во воздухот.

Мерните места во главниот град во текот на октомври регистрирале зголемено загадување на сите мерни места. Највисоки вредности на ПМ10 честички се измерени во Лисиче на 24 октомври – 110 мг/м3. Мерачот на ПМ10 честичките на еден од најзагадените пунктови во Скопје, кај Ректоратот, не мери од 17 октомври, пишува Слободен Печат.

Државните мерни станици главно ја мерат концентрацијата на ПМ10 честичките, кои се само еден од шесте индикатори за загадување на воздухот. Во моментов ниту една државна станица не ги мери поситните и поопасни ПМ 2,5 честички, додека сулфур диоксидот се мери само на неколку места. Отсуствуваат мерења на озонот, азот диоксидот и јаглерод моноксидот.