Мажот осомничен за убиството на тројцата полицајци во Франција е пронајден мртов

14

Осомничениот маж за убиството на тројцата полицајци во село во централна Франција е пронајден мртов. Информацијата на Твитер ја објави министерот за внатрешни работи Жерар Дарманин, без да соопшти повеќе детали.

Засега, официјално, не се споменуваат мотиви за нападот на полицајците.

Инцидентот се случил откако француската полиција добила повик за интервенција при семејно насилство. Кога полицајците пристигнале во куќата, осомничениот отворил оган кон нив, при што загинале тројца, а еден е ранет. Потоа, според извештаите во медиумите, тој ја запалил куќата.

Жената која била жртва на семејно насилство, пак, веќе е на безбедно. Таа се засолнила на покривот од куќата, по што полицијата успеала да ја спаси.

Тројцата загинати полицајци биле на возраст од 21, 37 и 45 години. Почит, со коментар дека нацијата им се поклонува на храброста, им оддаде министерот за здравство, а солидарност со француската полиција изрази и претседателот Емануел Макрон.

„Тие се нашите херои“, напиша Макрон на Твитер.