Маж вработен во ФЕНИ позитивен на Ковид-19 во Кавадарци

18

Маж на возраст од 57 години е новиот регистриран случај на корона вирус во Кавадарци. Лицето е син на пациент кој пред пет дена беше регистриран како позитивен, па поради тоа бил земен брис.

-Новиот случај е син на веќе позитивно лице, сега е без симптоми. Останува на домашно лекување, изолиран беше неколку дена и не одеше на работа по добивањето на позитивниот резултат на неговиот татко. Се прави анкета, се бараат лицата со кои бил во контакт изминатиот период – велат од Центар за јавно здравје Кавадарци за пациентот кој е вработен во ФЕНИ, односно Еуроникел Индустри.

Позитивниот резултат за ова лице стигнал доцна синоќа. Исто така, два позитивни резултати за лица од Кавадарци пристигнаа вчера во попладневните часови. Станува збор за лице вработено во фабриката Дрекслмајер и пензионерка од градот. Резултатите ќе бидат евидентирани во денешниот билтен на Министерството за здравство.

Со овој случај бројот на инфицирани во Кавадарци се искачи на 22. Активни се 16 случаи, од кои едно лице е од Демир Капија, но заведено под Општина Кавадарци.