Македонец уапсен на Малта – осомничен за двојно убиство

125

Виктор Драгомански, Македонец од Скопје е уапсен на Малта како второосомничен за двојно убиство што се случило во градот Слиема, јавија медиумите во оваа земја. Тој работел како обезбедувач во ноќен клуб во местото Пачевил, а уапсен е под сомнение за двојно убиство, објави TVM од Малта.

До апсењето, тој се криел во хотелот Гзира.

Како што пренесува „Тајмс оф Малта“, тој бил уапсен по драматична потера во Гзира. Откако добила пријава, полицијата го опколила хотелот во кој се криел Драгомански. Кога сфатил дека е обиколен излегол на покривот по што следела потера.

Малтешките медиуми пишуваат дека првоосомничен за убиството е албанскиот државјанин Даниел Мука (25). Тој бил изведен пред суд и се изјаснил за невин.

Жртвите на двојното убиство се двојка хомосексуалци, Кристијан Пандолфино и британецот со полски корени Ивор Мациејовски, кои биле убиени пред 8 дена.

Едниот од нив бил пронајден на првиот кат во заедничкиот дом, додека телото на втората жртва било откриено на вториот кат во куќата. Тие биле убиени во нивниот дом во Слиема на 18 август со огнено оружје.

Според пишувањето на малтешките медиуми, Пандолфино бил лекар кој се занимавал со инвестирање во банки и фондови, а Мациејовски бил дилер и продавач на дела од современа уметност. Полицијата засега не соопшти детали за мотивите за убиството.