Македонија гласа на десеттите парламентарни избори

23

Избирачките одбори на Државната изборна комисија денеска, на третиот ден на гласањето на овие петти предвремени, од вкупно 10. парламентарни избори, ги отворија во 7 часот 3.480-те избирачки места.

Право на глас имаат 1.814.613 граѓани. Oва е најдолгото гласање досега, не само дека трае три дена, туку и дека стандардното затворање на гласачките кутии вечер нема да биде во 19, туку во 21 часот. Оттаму, и резултатите од гласањето ќе ги дознаеме овојпат неколку часа подоцна.

По долги преговори и повеќемесечно функционирање на државата само со техничка влада и претседателот Стево Пендаровски, без Собрание, партиите едвај го договорија денешниот датум за предвремените парламентарни избори. Тие се одржуваат во услови на пандемија со коронавирус, под строги здравствени мерки.

Вчера гласаа болните и изнемоштени лица и затворениците. Завчера, позитивните лица на коронавирус и лицата во изолација.

На овие избори се гласа за 15 политички партии и коалиции, 1.578 кандидати.

Вечерва по затворањето на избирачките места, ќе се бројат гласовите од гласањето на споменатите две категории во текот на вчерашниот ден и завчера.