Македонија до јуни треба да добие 100.620 дози „Фајзер“

8

Северна Македонија е една од стотината земји коишто се најдоа на долгата листа на чекање на вакцините за масовна имунизација кои треба да пристигнат од глобалната програма Ковакс. По големиот застој изминатиов период, последните оптимистички најави се дека вакцините сепак ќе дојдат до почетокот на летото. Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово до јуни се очекува да добијат по 100.620 дози од вакцината Фајзер.

Околу 14,1 милиони дози вакцини против Ковид-19 од Фајзер е во план да се испорачаат во 47 земји во вториот квартал од оваа година, објави Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (Гави). Според објавениот распоред, Бразил, Колумбија, Мексико, Филипини, Јужна Африка и Украина ќе добијат најмногу од овие вакцини од глобалната програма Ковакс.

Во првиот круг се доставени 1,2 милиони дози Фајзер вакцини на 18 учесници во програмата. Во текот на вториот круг се доставени 237 милиони дози на вакцината „Астра Зенека“ до 142 учесници во програмата и испораката е во тек. Во последниот круг не се распределени вакцините за Црна Гора, додека Србија се очекува да добие 28.080 дози.

Земјите од Западен Балкан првите дози на вакцини против коронавирус преку системот Ковакс ги добијат во средината на март. Во Северна Македонија на 28 март годинава пристигнаа 24.000 дози вакцини од производителот „АстраЗенека“. Исто количество на вакцини беа испорачани и во Црна Гора. Босна и Херцеговина доби 26.400 дози вакцини „АстраЗенека“, како и 23.400 вакцини „Бионтек/Фајзер“. Исто така, се очекува на 22 или 23 април да пристигнат 81.600 дози вакцини „АстраЗенека“. Косово доби 24.000 дози „АстраЗенека“, а се очекува во рамките на програмата да добие вкупно 100.800 дози вакцини.