Македонија и оваа 2020 година на “Песна на Евровизија“- пејачот Васил од Струмица, патник за Ротердам!

17

Струмичанецот, оперскиот пејач, Васил Гарванлиев е нашиот претставник на изборот во Холандија!

-Од сѐ срце им благодарам на моето семејство и на моите соработници кој ме поддржуваат уште од самиот почеток, па дури и тогаш кога моите идеи им звучеа луди и апсурдни. Ве сакам! Подготвен сум за ова ново “патување” со отворено срце и искрена приказна. Овој пат ветувам дека ќе дадам сè од себе за мојата татковина, за сите нас. Се гледаме во Ротердам, вели Васил

Конечно ни олесна. Република Северна Македонија и оваа пролет и токму под ова официјално име ќе биде пак рамноправен учесник на Евровизискиот фестивал кој во месец мај ќе се одржи во градот Ротердам, во Холандија, бидејќи таа земја минатата година победи во Израел. Наш претставник ќе биде струмичанецот Васил Гарванлиев кој радосната вест веднаш ја сподели со сите нас на својот ФБ.

-Откога паметам за себе, музиката е сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгогодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено по успешниот пласман со Тамара минатата година. А, оваа година не можеше да ми започне со поубава вест, емотивно напиша Гарванлиев. Тој зад себе има едно евровизиско искуство. Учествуваше на фестивалот минатата година во Израел како одличен придружен вокал на македонската претставничка Тамара Тодевска, заедно со струмичанката Александра Јанева и со Антониа Гиговска.