“Македонија пат“ ќе ја урива дивоградбата пред „Мавровка“, одлучи Владата

4

Владата на денешната седница го задолжи Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта поранешно „Македонија пат“, да ја урне дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“. Јавното претпријатие уривањето на објектот треба да го изврши од сопствени средства односно да не ѝ наплати на Општина Чаир.

„Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти. По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката“, стои во соопштението од Владата.

Претходно денеска, МВР соопшти дека СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ Мавровка.