Македонија увезе 40 милиони евра струја

5

 

Само за месец и половина Македонија потроши над 40 милиони евра за увоз на струја. Македонските термоцентрали работат само со половина од капацитетот , па државата мора да увезува. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски обвинува „за многу криминал и корупција“ при набавките на струја.

Само во изминатите месец и половина, ЕСМ увезе струја за над 40 милиони евра, покажуваат официјалните податоци. Струјата е купена од пет фирми, кои имаат лиценци за трговија со струја. Повеќе од половина од оваа сума, односно 21,7 милиони евра, е за набавки преку фирмата ЕТМТ Енерџи, покажуваат официјалните податоци на ЕСМ.

Во ноември е набавена струја за 24,6 милиони евра, а во декември досега се потрошени 16,3 милиони евра.

Во ноември биле набавени скоро 96 илјади мегаватчаса струја, а во декември досега се купени скоро 40 илјади мегаватчаса. Просечната цена по која се набавувала струја во ноември била скоро 257 евра, а во декември 411 евра за мегаватчас.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано обвинува „за многу криминал и корупција“ при набавките на струја.

Фирмата ЕТМТ Енерџи, според податоците на Централниот регистар, била формирана лани во март, а нејзин сопственик е Енер Траде ШПК од главниот град на Албанија, Тирана.

Регулаторната комисија за енергетика на 27 мај лани, два месеци по нејзиното основање ѝ издала лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија со електрична енергија.

Управител на фирмата во Македонија е Фламона Емини.

Енер Траде како што тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со Артур Мицкај кој е сопственик на 50 отсто од фирмата и е директор на Форумот на млади на Социјалистичката партија Албанија на премиерот Еди Рама.

Интернет страницата на оваа фирма е во изработка. Според податоците за трговија со струја во Источна и Југоисточна Европа, трговската активност на оваа компанија рапидно пораснала во 2021 и 2022 година, не само во Албанија, туку и во регионот. Освен во Албанија, во моментов, Енер трејд има подружници во Македонија, Косово и во Словенија, а преку нив работи и во Србија, Црна Гора и Унгарија, а најавува дека наскоро ќе почне да работи и во Бугарија и во Грција.