Македонија ја избегна групата на смртта, познато во која група ќе играме на ЕП ако ја минеме Грузија

27

Репрезентацијата на Грузија е последната пречка до историскиот пласман на фудбалската репрезентација на Македонија на едно Европско првенство.

Со Грузијците ќе се соочиме во Тбилиси за околу еден месец, а победа на тој натпревар ќе не лансира на нашето прво историско Европско првенство. По вчерашните резултати конечно е позната и групата во која Македонија може да се најде на континенталниот собир.

Откако Исланд славеше против Романија со 2:1 и се избори за финален натпревар со Унгарија и дефинитивно е познато дека Македонија ја избегнува групата на смртта во која можеше да се соочи со европските гиганти Португалија, Германија и Франција.

Доколку Романија обезбедеше пласман на Европското првенство, како еден од домаќините ќе играше во групата во која сега се најде Македонија, а Македонија ќе играше во групата на смртта.

Сепак, по вчерашните резултати и дефинитивно е познато дека доколку ја минеме Грузија, во групната фаза на ЕП ќе се соочиме со Холандија, Украина и Австрија.