Македонија ќе плати отштета на семејства на двајца Роми кои умреле во затвор

104

Владата ќе плати вкупно 24.000 евра на семејствата на двajцa мажи Роми кои умреа под сомнителни околности додека беа во затвор во 2017 година, соопшти Европскиот центар за правата на Ромите.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) затвори два случаи по постигната спогодба меѓу членови на семејствата и Владата.

Андриас Реџепов, 21-годишен Ром, умрел во КПУ Идризово, Скопје на 11 март 2017 година. Од ЕЦПР наведуваат дека било известено дека умрел од предозирање со метадон иако не бил зависник од дрога. Постојат докази дека во часовите пред неговата смрт Реџепов бил изложен на тортура. Неговите родители ќе добијат оштета од 6.000 евра поединечно.

Јусинов Ердал беше 25-годишен маж кој умрел на 22 март 2017 година во затворот КПД Штип откако во часовите пред неговата смрт не му била обезбедена медицинска нега. Јусинов бил женет и татко на 3-годишно момче и 1-годишно девојче. И во овој случај постојат наводи дека бил малтретиран од страна на затворските чувари и лекари. Неговата сестра ќе добие оштета од 12.000 евра.

Од ЕЦПР велат дека овие смртни случаи се дел од серија на четири сомнителни смртни случаи на затвореници Роми во период од 9 месеци во 2017 година, во неколку затворски установи ширум Северна Македонија. Во Северна Македонија, велат од таму, шемата на смртни случаи кои вклучуваат предозирање со дрога и наводи за малтретирање се одвива неколку години наназад за којашто ЕЦПР поведе судски постапки уште во 2010 година.

„Цела Северна Македонија треба да го смета секој од овие трагични смртни случаи како срам за нивната земја. Ова е трет случај во последните години во којшто ЕЦПР ја тужеше Северна Македонија и обезбеди илјадници евра како компензација за семејствата на починатите – и ќе продолжи да ги истражува сите случаи на сомнителна смрт и да презема правни дејствија ако властите одбиваат да преземат одговорност за нивните пропусти. Од 2017 година, ваквите грешки ги чинеа македонските даночни обврзници повеќе од 33.000 евра во исплатени штети, а ЕЦПР има и други случаи кои чекаат разрешница. Ова треба да биде порака за одговорните дека институционалната дискриминација е скапа, а ние ќе се осигуриме таа скапо да ве чини“, изјави претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ.

Иако пријателска спогодба значи дека нема да се донесе пресуда за осуда на надлежните власти во Северна Македонија, наведуваат од ЕЦПР, исплатата на оштета во ваков износ во одредена мера ја адресира сериозноста на човековите права што беа повредени и може да се смета како премолчено признание на вина од страна на Владата на Северна Македонија.

Случајот на EЦПР во врска со сомнителната смрт на друг Ром, 39-годишниот Беким Демир, сè уште чека разрешница пред ЕСЧП.