Македонските и бугарските историчари по речиси една година повторно на средба – нов обид за издигнување над политичкиот контекст

14

Македонските и бугарските историчари денеска по пауза од речиси една година повторно ќе се состанат за да го продолжат дијалогот, кој се води во рамки на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Десеттиот состанок на Комисијата, која е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес.

Бугарија неодамна до земјите-членки на ЕУ го достави појаснувачки меморандум, во кој меѓудругото се негира македонскиот јазик и македонската нација, а тврдите бугарски позиции биле потврдени и на средбата минатата недела во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева.

Македонскиот државен врв во континутет потенцира дека јазикот и националната припадност, односно идентитетските прашања се нешто што не смее да се оспорува во 21. век, но сепак бугарската страна не попушта пред нејзините тези за потеклото на јазикот во соседната земја, но и за потеклото на нацијата, за која во појаснувачкиот меморандум меѓу другото се вели дека е Титова творба.

Премиерот Зоран Заев минатата недела излезе со изјава дека македонскиот народ можеби треба да се подготви дека во декември нема да се одржи првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, поради неевропските барања, кои Бугарија ги поставува до нас, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак изјави дека на средбата со Захариева на Османи му бил даден предлог за постигнување нов договор, налик на Преспанскиот, кој ќе предвидува уставни измени и со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик од 1945 година па навака.

Шефот на дипломатијата вчера ги демантираше овие тези на Мицкоски, нагласуваќи дека нов договор нема и оти на средбата станало збор за зајакнување на меѓусебната комуникација на сите нивоа.