Македонски граѓани вакцинирани во Србија оставени на цедило

102

Скопје, 28 мај – Откако министерот за здравство Венко Филипче во месец март изјави дека македонските граѓани кои се вакцинираа против Ковид-19 во Србија со други вакцини освен „АстраЗенека“, може да се ревакцинираат во земјава, голем број на граѓани се решија втората доза да ја примат во Македонија. Со цел да избегнат финансиски трошоци, оние граѓани кои успеале да се вакцинираат со прва доза од вакцините “Фајзер”, “Спутник” или “Синофрам” во соседна Србијаво, изминативе 30 дена се обидуваат да го закажат својот термин за втора доза во Македонија.

Меѓутоа, таква опција на официјалната македонската веб-страница за вакцинација не постои иако министерот Филипче пред два месеци најави дека ќе се направи модул на сегашната интернет страница за тие граѓани да можат да се пријават. Па така, без термин за ревакцинација голем дел од граѓаните се упатиле кон матичните лекари со надеж тие да им закажат термин. Одговорот кој го добиле од матичните лекари е дека тие немаат надлежност да закажуваат ревакцина на граѓаните кои се вакцинирале во други држави.

Во редакцијата “Коха” се јавија неколку македонски граѓани кои биле одбиени за втора доза, односно на пунктовите за ревакцинација им било кажано дека нема да бидат ревакцинирани. Две од граѓанките кои не исконтактираа требале да бидат ревакцинирани со “Фајзер”, а останатите две со “Спутник”.

-Откако видов дека не можам да закажам термин за ревакцина на македонската официјална веб страна, и се јавив на мојата матична лекарка. Оттаму добив одговор дека таа не може да ми помогне и ме советуваше да одам на еден од пунктовите за вакцинација и да молам. Кога стигнав таму, најпрвин ми кажаа дека не можат да ми обезбeдат втора доза “Спутник”, а потоа ми рекоа дека ќе ме вакцинираат меѓутоа дека нема да ми издадат сертификат, бидејќи првата доза сум ја примила во Србија. Повеќе од јасно ми беше дека статусот на граѓаните кои примиле прва доза во друга држава се уште не е решен, па во тој момент одлучив да се ревакцинирам во Србија, изјави 60 годишната скопјанка З.В. за Коха.

Они со Фајзер пак, биле одбиени со објаснување дека нема вакцини, па така тие морале одма да заминат во Србија и таму да ја добијат втората доза.

Одговор за ваквите случаи побаравме од Министерството за здравство.

-Ова прашање ќе биде регулирано. Моментално се работи на усогласување на содржината на меморандумот помеѓу нашата земја и Република Србија, стои во одоговор на Министерството за образование, при тоа не коментирајќи ги оние случаи каде граѓаните биле одбиени за втора доза.

Од Министерството побаравме и одговор за граѓаните кои се вакцинираа со “АстраЗенека” со оглед на тоа дека употребата на оваа вакцина беше ограничена по примерот на Канада и Германија. Тогаш министерот Венко Филипче изјави дека по извештаите на Канада и на Германија, нашата држава ќе ги следи нивните препораки и нема вакцинира со ‘Астра Зенека’ лица кои се помлади од 60 години.
Но, оттогаш ставот на овие држави е сменет – односно Германија дозволи употреба на вакцината “АстраЗенека” и за лица на возраст над 30 години.

Но ставот на нашетото Министерство останува непроменет, потврдуваат за Коха. Ограничувањето за аплицирање на вакцината АстраЗенека останува на сила.

Mинатата недела беше и објавена нова студија од Шпанија која укажува на ефикасна комбинација со една доза “АстраЗенека”, а втора доза “Фајзер”. Според ова истражување, лицата кои добиле комбинација од вакцините, односно прво биле вакциниран со АстраЗенека, а втората доза била Бионтек/Фајзер, имале за 30 до 40 пати повисоко ниво на антитела отколку оние кои биле во контролната група, а кои добиле само една доза АстраЗенека.Поради зголемениот ризик од тромбози, во многу земји лицата кои имаат добиено една доза АстраЗенека, при второто вакцинирање добиваат Бионтек/Фајзер или пак вакцината Модерна. Во Германија се тоа лицата на возраст под 60 години.

– Одлуката за некомбинирање на вакцини исто така останува непроменета, велат од Министерството за Коха.

ВАКЦИНИРАНИТЕ ВО СРБИЈА НЕМА ДА ДОБИЈАТ СЕРТИФИКАТ ОД МАКЕДОНСКИ ЗДРАВСТВЕНИ ВЛАСТИ?

И покрај ветувањето на министерот Филипче од месец март дека ќе ги среди сите детали со српскиот колега Лончар, сепак македонските граѓани кои се вакцинирани во Србија, нема да добијат сертификат од македонски здравствени власти, објави 360 степени. Имено, според министерството за здравство граѓаните кои ја примиле втората доза во Србија треба да си издадат сертификат за вакцинација оттаму.

Но, овие граѓани во Србија добиле различна насока – сертификатот ќе си го барате во матичната држава.

– Откако се ревакцинирав со Спутник во Србија, ми беше кажано дека сертификатот ќе го добијам во мојата држава. Матичната лекарка ми кажа дека тие не можат да издадат сертификат за лица вакцинирани во друга држава, додава скопјанката З.В.

Меѓутоа, таа не е единствена со овој проблем. Се претпоставува дека во Србија се вакцинирани над 20 илјади македонски државјани кои изминатиов период имаат потешкотија да докажат дека се вакцинирани.
(koha.mk)