Македонски државјани чекаат пред бугарската амбасада во Киев да се евакуираат од Украина со автобуси

12

Семејството на Сашо Андонов, Македонец кој живее во Киев – Украина, од утринава чека пред бугарската амбасада во Киев за да побара од бугарските власти да го приклучат на конвојот за евакуација од Украина за Бугарија. Меѓутоа, не е сигурен дали ќе има место за него, сопругата и двете деца зашто бројот на бугарски државјани што чекаат да влезат во автобусите и да ја напуштат Украина е голем, вели Андонов за „Слободен печат“.

Малку е помирно. Добри сме, гледаме некако да излеземе од Киев, а вечерва повторно ни воведоа полициски час од 9 до 8 наутро. Се обратив на неколку амбасади. Чекам моментално пред бугарската амбасада зашто имаат автобуси за евакуација, ама ми се чини дека ќе нема место. Автобуси имаат, но има многу бугарски граѓани. Ќе гледам да влезам. Бугарската амбасада се наоѓа во центарот на Киев. Јас не можев да излезам од дома зашто сум од левата страна на градот и сите мостови беа блокирани. Утринава успеав да поминам зашто отворија еден мост, но со многу проверки, вели Андонов.

Тој додава дека има повеќе македонски семејства кои се заглавени во Киев и не можат да го напуштат градот.

-Се обидов да им помогнам, им кажав каде да се јават, се поврзаа со нашето Министерство за надворешни работи, но ништо добро не излегува. Нема организација од нашите, туку секој како ќе се снајде сам, додава Андонов.