„Макпетрол“ го демантира Бектеши, премиерот уверува дека парно и гас ќе има и по 1 јануари

7

 

Компанијата „Макпетрол“ денеска преку соопштение ја демантираше изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека оваа компанија има монополска позиција на пазарот со природен гас.

Од компанијата посочуваат дека во земјава има повеќе од 40 компании кои имаат лиценци за увоз на природен гас.

–  Оваа изјава, како и низа други кои што од негова страна беа пласирани, служат само за да ја дефокусираат јавноста од главниот проблем – дека државата и нејзините институции популистички се фалат оти пазарот со природен гас е либерализиран, а притоа земјата ниту има сертифициран оператор, ниту се донесени нужните подзаконски акти, ниту се вопоставени правилата на функционирање, наведуваат од „Макпетрол“.

Во однос на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека во енергетска криза не треба да се има пристап кон работата што вклучува уцени, од „Макпетрол“ посочуваат дека нивната најава оти нема да увезуваат гас од 1 јануари е резултат исклучиво на, како што велат, избрзаната одлука за промена на правилата на пазарот со природен гас.

– Не е во прашање никаква уцена, туку економски оправдано решение со цел да се избегне генерирање енормни загуби и долгови кои компаниите што увезуваат гас никогаш нема да можат да ги наплатат затоа што потрошувачите на овој енергенс нема да бидат во можност да ги исплатат, велат од „Макпетрол“.

Оттаму оценуваат дека само на хартија е направено превземање на регулативата на овој сектор од Европската Унија, а се игнорира реалноста на македонскиот пазар.

– Причините за тоа се многубројни, но главна несомнено е таа што укажува дека нашиот пазар е мал, a гасот што тука пристигнува, тука и завршува. Тоа, од една страна, значи дека како земја не сме во можност да увезуваме доволни количини, а од друга, дека немаме количини што би направиле баланс на тие што нема да се потрошат. Во такви услови, потребни се прецизни подзаконски акти и правила кои што ќе го регулираат функционирањето на пазарот. Овие што сега избрзано се наметнуваат се економски неисплатливи и со нив ќе се нанесат огромни штети и на увозниците и на крајните потрошувачи, нагласува „Макпетрол“.

Посочуваат дека Енергетската заедница препорачува сертификацијата на операторот на системот за пренос да се изврши во најкус можен рок, а подзаконските акти да бидат финализирани и одобрени без натамошно одлагање.

– Досега, овие препораки од Енергетската заедница, каде што заедно со ЕУ членува и Македонија, не се донесени. Тоа само укажува дека наводното либерализирање на пазарот се прави на паушален начин и притоа креира услови за работа кои што и на краток и на долг рок ќе бидат катастрофални за компаниите што се занимаваат со увоз на природен гас, како и за нивните потрошувачи, истакнуваат од „Макпетрол“.

Компанијата вчера информираше дека од 1 јануари ќе прекине со увозот и испораката на природен гас поради новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие АД „ГА-МА“ и „Булгартрансгас“.

Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека и по 1 јануари ќе има парно за граѓаните и гас за компаниите.

– Системот мора да функционира, а во енергетиката, системот функционира затоа што согласно Законот секој кој користи гас има обврска да има и алтернативно гориво, токму поради вакви ситуации, истакна денеска Ковачевски.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски, пак, денеска изјави дека топланите „Исток“ и „Запад“ во Скопје во случај на недостиг на главниот енергенс – гасот, може да користат мазут како резервен енергенс во период од само 10 дена, а за негова понатамошна употреба потребна е согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Ставот на Министерството за животна средина и просторно планирање е дека на пазарот има гас и нема да се дозволи овие постројки да работат на друг енергенс освен на гас. И во нивните дозволи е наведено дека во случај да нема гас на пазарот, тие може да работат 10 дена на мазут. Државниот инспекторат ќе ја следи исклучиво дозволата што им е издадена, изјави денеска Стојковски.