Макрон бара ЕУ да добие поголеми овластувања во кризни ситуации

16

Францускиот претседател Емануел Макрон ја предводи иницијативата Европската унија да добие поголеми овластувања во одговорите на итни случаи во здравствениот систем, пренесува Ројтерс.

Макрон е свесен дека ЕУ ризикува да биде обвинета за недостатоци во борбата против епидемијата на коронавирусот на континентот.

По деценија во која Брисел е погоден со должничка криза и длабоки внатрешни поделби околу миграцијата, пандемијата на коронавирусот ризикува да зададе уште поголем удар на европското единство и потенцијално да ја уназади децениската интеграција, додаде Ројтерс.

На видео конференцијата со лидерите на ЕУ минатата недела, за прв пат сите 27 имале кризни преговори на далечина, Макрон ја истакна потребата европските институции да имаат пошироки овластувања во повеќе области, вклучително и здравството, што традиционално е национална одговорност.

Еден од предлозите е создавање научен панел кој би подготвувал единствени препораки на ниво на ЕУ за земјите-членки во здравствена криза.

Макрон, исто така, бара поголема фискална солидарност за ЕУ да може да се задолжува, на што одамна се спротивставуваат фискално конзервативните држави како што е Германија, изјавил за Ројтерс висок дипломат упатен во расправата.

Италија, која е најтешко погодена од кризата поради вирусот, остро ги критикуваше Франција и Германија, откако првично одбиваа да обезбедат маски и друга опрема и да помогнат во борбата против епидемијата. Рим требаше да ѝ се обрати на Кина за помош, иако подоцна Германија ѝ испрати на Италија 400.000 маски.

Анкетата спроведена од „Монитор Италија“ минатата недела покажа дека 88 проценти од Италијанците веруваат дека ЕУ не сторила доволно за да ѝ помогне на земјата, истакнувајќи како недостатокот на солидарност може им наштети на чувствата, пишува Ројтерс.

Според истата анкета, процентот на оние што веруваат дека членството во ЕУ е хендикеп за Италија, се искачи на 67 проценти од 47 проценти во ноември.

Ројтерс истакнува дека овие бројки ќе ги загрижат Германија и Франција, чија согласност е нормално потребна за политичките предлози да добијат паневропска поддршка.

„Би било погубно ако на крајот од оваа криза, држави како што е Италија заклучат дека Европа ги оставила на цедило“, изјави извор близок до Макрон за Ројтерс.

Макрон одамна се залага за подлабока интеграција на еврозоната и честопати ја користи фразата „ЕУ која заштитува“, нагласувајќи ја потребата ЕУ да донесува решенија, отколку многумина да ја гледаат како извор на проблемот.

Како што кариерата на германската канцеларка Ангела Меркел се ближи кон крајот по 15 години на чело на ЕУ, Макрон исто така размислува да го преземе водството на Европа, пренесува Ројтерс.

Кризите во минатото ја поттикнаа ЕУ на акција и доведоа до промена на правилата, без разлика дали се работи за спасување на земји-членки за време на должничка криза или заедничко решавање на проблемот со бегалците за време на мигрантската криза.

Кризата со коронавирусот изврши притисок врз ЕУ одеднаш на повеќе фронтови, при што Шенген договорот за отворени граници е речиси суспендиран, олабевени се правилата за државна помош и фискалната политика, Европската централна банка започна програма од 750 милијарди евра и се наметнуваат прашања за политиката на слободата за движење и конкуренција.

Алекс Стуб, поранешен премиер на Финска, рече дека пандемијата најверојатно ќе ги поттикне повиците ЕУ да добие поголеми овластувања во решавањето на вонредни здравствени ситуации и земјите да преземат поголема одговорност од пазарот.

„Она што би можеле да го видиме е одговор на ниво на Европа така што земјите-членки да се обврзат да имаат некаков вид резерва за да можат да се преземаат мерки за сузбивање на влијанието на пандемијата и други идни удари“, рече тој.

Бидејќи пандемијата се шири брзо и националните здравствени системи низ цела Европа се под огромен притисок, ЕУ мора да дејствува побрзо од вообичаено и да размислува однапред, истакна Ројтерс.

Шахин Вали, висок соработник при германскиот Совет за надворешни односи, вели дека не постои заедничка европска политика за ограничување, карантин или тестирање.

Вали, кој е Французин, ги доведува во прашање некои чекори преземени во таа држава.

„Многу држави (вклучително и Франција) сè уште многу малку тестираат, објави Вали на Твитер.

„Помалку отколку што треба и помалку отколку што можат, во спротивност со препораките на Светската здравствена организација… Тоа е критично“.