Макрон денеска во Москва со Путин, утре во Киев со Зеленски

18

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Москва ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин, а утре во Киев со неговиот украински колега Володимир Зеленски како дел од дипломатските напори за смирување на руско-украинските тени.

Во последните денови Макрон имаше бројни телефонски разговори со Путин, Зеленски, американскиот претседател Џозеф Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Како што претходно соопшти Елисејската палата, Макрон ќе има разговор лице в лице со Путин.

Последната средба меѓу Макрон и Путин беше во летото 2019 година, кога францускиот претседател го покани својот руски колега да го посети во летната резиденција Брегансон на југот на Франција.

Францускиот претседател требаше да ја посети Москва во пролетта 2020 година, но неговата посета беше откажана поради епидемијата на корона вирусот.