Макрон: Европската унија треба да ги поддржи мирните протести во Белорусија

16

Претседателот на Франција Емануел Макрон ја повика вчера Европската унија да ги поддржи мирните протести на стотици илјади луѓе во Белорусија, кои бараат претседателот Александар Лукашенко да си замине.

„Европската унија мора да продолжи да се мобилизира на страната на стотици илјади Белоруси кои мирно протестираат за заштита на своите права, слободи и суверенитет“, напиша Макрон на Твитер.

Тој ја испрати пораката додека десетици илјади луѓе протестираа синоќа во Минск, барајќи заминување на Лукашенко, кој одбива да се откаже од власта, една недела по спорните претседателски избори на кои победи.

Франс прес проценува дека на протестот се собрале повеќе од 100.000 демонстранти, додека независниот медиум Тут.би изјави дека тоа е најголем собир од независноста на земјата во 1991 година.

Европската унија во петокот даде зелено светло за санкции против белоруските службеници поврзани со полициската репресија над демонстрантите и со измами на изборите.

Лукашенко (65) веќе четвртина век со железна рака управува со поранешната советска република, со многу малку разбирање за политичките неистомисленици.

Неговата противкандидатка, опозициската политичарка Светлана Тихановскаја, во петокот ги повика своите приврзаници да потпишат онлајн петиција во која се бара повторно пребројување на гласовите од минатонеделните претседателски избори, изразувајќи увереност дека на тие избори ѝ е украдена победата.

Демонстрантите во неделата исто така се собраа во Прага и Варшава за да ги поддржат демонстрантите во Белорусија, кои бараат оставка на Лукашенко.