Макрон предупреди дека исламистите ќе се обидат да ја искористат ситуацијата

10

Исламските милитанти повторно ќе се обидат да ја искористат нестабилната ситуација во Авганистан, изјави претседателот на Франција Емануел Макрон додавајќи дека Париз ќе направи сè што е можно за да ги убеди Русија, САД и Европа заеднички да одговорат.

Авганистан падна за неколку дена, а денес цивилите сè уште се обидуваат на сите можни начини преку аеродромот да го напуштат Кабул. Претседателот Ашраф Гани пред два дена избега од земјата, кажувајќи дека сакал да избегне крвопролевање и дека затоа талибанците толку лесно ја освоиле престолнината, пренесува Ројтерс.

„Авганистан не смее да стане засолниште за терористите како што беше некогаш. Ова е предизвик за мирот и меѓународната стабилност, а непријателот е заеднички. Ќе направиме сè за Русија, САД и Европа да можат да соработуваат ефикасно, бидејќи нашите интереси се исти. Советот за безбедност на ОН мора да излезе со заеднички одговор“, истакна Макрон.

Франција, додаде Макрон, ќе продолжи да ги штити најранливите и да игра улога во меѓународно организираните и фер напори да се подели товарот доколку дојде до емигрантски бран во Европа.