„Макстил“ дава бонус од 3.000 денари за вакцинираните

7

Бонусот не треба да се разбере како притисок врз сите што размислуваат поинаку, туку само како начин за дополнителен поттик, велат од компанијата.

Бонусот на плата во износ од 3.000 денари ги натера вработените од компанијата „Макстил“ побрзо да се решат да примат вакцина. Компанијата веќе втор месец исплаќа ваков додаток на сите работници што ќе приложат документ дека се вакцинирани.

– Нашата цел беше да се наградат вработените што се грижат за себе, за колегите, за здравјето на своето семејство, за компанијата, но и да биде мотив плус за оние што се двоумат – изјави за Локално.мк генералниот директор Иван Бановски.

Како што вели директорот, реакциите биле позитивни, особено од оние што немаат сомнеж во потребата од имунизација, но нагласува дека чекорот не треба да се разбере како притисок врз сите што размислуваат поинаку, туку само како начин за дополнителен поттик.

Од почетокот на процесот на имунизација досега, вакцинирани се околу 40 проценти од вработените, податок што според Бановски е доволна причина сите во компанијата да се чувствуваат посмирени.

„Макстил“ е првата компанија во нашата држава за која се дозна дека се одлучила на ваков потег, и оттаму се надеваат дека ќе претставуваат позитивен пример, особено во однос на сите оние што сè уште се двоумат дали да се вакцинираат.

Вакцинацијата е доброволна, така што работодавачите не смеат да ги казнуваат или да ги отпуштаат невакцинираните.

– Не постои законска, или каква било друга можност, поради одбивање наредба од работодавач за некаква присилна вакцинација, да се загуби работното место, а на работниците им укажуваме да ги следат препораките и упатствата на здравствените власти во поглед на процесот на имунизација – изјавија од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати, пак, посочија дека со новите рестрикции што значат забрана на влез и на конференции, работилници и слични настани без потврда за имунизација, веќе се прави притисок на работниците и тие се плашат за своите работни места.

– Домашните закони и Уставот не ги обврзуваат работниците на задолжителна вакцинација и противзаконска е секаков вид дискриминација по основа на тоа дали некој е вакциниран или не, а на истото упатуваат и меѓународните акти. Ние како синдикат се плашиме дека со мерките што ги предлага Комисијата за заразни болести, а ги усвојува Владата се прави притисок за вакцинација на работниците. Работниците веќе го чувствуваат притисокот од работодавачите за вакцинација. Правото на вакцинација е право на личен избор, а вработените на кои им се врши притисок за вакцинација се плашат за своето работно место, па мораат да се вакцинираат – изјавија од КСС.

Вакцинирањето против ковид-19, никаде во светот не е задолжителна. Но, од Америка дојде непријатната вест дека медиумска куќа Си-ен-ен отпушти тројца работници што доаѓале на работа невакцинирани против коронавирусот, затоа што политиката на компанијата за ова прашање била нулта толеранција.