Малубројните пријатели на Ердоган

33

Што се крие зад динамичниот развој на односите на Турција и Србија и какво е турското влијание на Западниот Балкан?

Големиот број посети на врвот сведочат за многу жива дипломатска и стопанска активност помеѓу Србија и Турција. Ако се суди според бројот на средби на српскиот и турскиот претседател, Александар Вучиќ и Реџеп Таип Ердоган, Турција се вбројува во некои од најважните политичко-економски партнери на Србија.

Во прилог на тоа одат и конкретните бројки кои на почетокот на дводневната посета на Белград ги изнесе турскиот претседател: стоковата размена на двете земји достигна 1,2 милијарди евра, турските фирми во Србија вработуваат 8.000 луѓе, турските инвестиции од еден милион долари во 2011 година достигнаа 200 милиони долари во 2018 година, кога Србија ја посетиле и околу 100.000 турски туристи. Тоа се и натаму релативно скромни бројки во однос на клучните надворешнополитички и трговски партнери на Србија, но, како што истакнаа двајцата претседатели во Белград, односите на двете земји не биле никогаш подобри и постои голем простор за натамошен напредок.

Што стои зад толку динамичниот развој на односите? Професорот на Факултетот на политички науки Драган Ѓукановиќ за ДВ оценува дека „по заладувањето на односите во 2013 година и прекинот на трилатералата Анкара-Белград-Сараево, сега повторно зајакна улогата на Турција на Западниот Балкан. Ми се чини дека како резултат на некаква заштитничка улога на Турција кон бошњачкиот фактор, сега е подобрен односот и кон официјален Белград.“

Ѓукановиќ додава дека заинтересираноста на Турција не запира само на Србија и смета дека „Балканот ѝ е генерално многу важен на Турција“: „Сосема е евидентно дека се најблиски односите со бошњачките и во одредена мера и со албанските политички елити, но Турција сепак ја прецепира Србија како многу значајна, ако не и најважна земја на Западен Балкан“, вели Ѓукановиќ.

Високото ниво и обемот на посетата на турскиот претседател на Србија, според Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања, се меѓу другото и дел од Ердогановите активности насочени кон внатрешните прилики во Турција. Бешири за ДВ нагласува дека „турскиот претседател Ердоган нема баш многу пријатели во светот. Затоа тој оваа посета ја користи за на внатрешен план да испрати порака дека тој има посети на високо државно ниво и тоа секако му служи за внатрешна пропаганда.“

Од друга страна, продолжува Бешири, се појави празен простор којшто Турција вешто го исполнува: „Во време кога САД и ЕУ не можат да се усогласат околу важни прашања за иднината на регионот, Турција гледа можност за зајакнато влијание во регионот. Така Ердоган соработката со Србија ја претставува како позитивно влијание за стабилизација на Босна и Херцеговина и тука Ердоган повторно добива поени на домашен план“, нагласува Бешири.

Како што се забележува во Белград, Србија од Турција очекува таа да влијае позитивно врз бошњачката страна во БиХ, но и во Санџак, за полесно да се решат некои спорни прашања. „Турција секако има големо влијание врз бошњачката заедница и очекувам дека тоа ќе продолжи, иако сега целиот регион е преокупиран со односите на Белград и Приштина“, потенцира Драган Ѓукановиќ. Тој додава дека е „тешко да се даде недвосмислена оценка на тоа влијание, односно дали било позитивно или негативно, зашто тоа се разликуваше од етапа до етапа. Но, ми се чини дека бошњачките елити многу често стануваат поблиски до Анкара отколку до Брисел, што на некој начин ја пореметува пошироката европска перспектива на целиот регион Западен Балкан.“