Мандатарот Зоран Заев денеска ќе го достави предлогот за состав на новата влада

17

Мандатарот Зоран Заев денеска претпладне до Собранието ќе го достави предлог-составот за новата влада и предлог-владината програма, потврдија од СДСМ.

Ова Заев го најави и вчера, истакнувајќи дека потоа пратениците ќе имаат неколку дена да се запознаат со владината програма и биографијата на кандидатите за министри.

Новата влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26 министри.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, за членови на владата се предложени и: Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада.

ДУИ во владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ е предложен Јетон Шаќири.