Манчестер јунајтед ја одредил цената на Пол Погба и дал зелено светло за продажба на Французинот

8

Според пишувањата на Сан, раководството на „ѓаволите“ одлучило да му дозволи на Пол Погба летоска да замине од Олд Трафорд, сумата која ја бараат изнесува 150 милиони фунти.

Манчестер јунајтед дал зелено светло за продажба на Пол Погба, ова го пишува денешното издание на таблоидот Сан. Французинот минатото лето изрази желба да замине, но „ѓаволите“ одбија да се разделат со фудбалерот од средниот ред.

Но шпекулациите за неговата иднина никако да престанат и според Сан, раководството на клубот сега одлучило да му дозволи на Пол Погба летоска да замине од Олд Трафорд. Тие се решиле на еден ваков чекор бидејќи ситуацијата на играчот влијае негативно во соблекувалната и врз составот на Оле Гунар Солшер.

„Ѓаволите“ се подготвени да дадат попуст од 30 милиони фунти, но и понатаму очекуваат голем профит и бараат 150 милиони фунти (нешто помалку од 180 милиони евра) за да се разделат со играчот кој во 2016 го направија најскап фудбалер во светот.

Во меѓувреме, Оле Гунар Солшер одлучи да не го понесе Пол Погба на мини кампот во Марбеља. Наместо да патува во сончевата Шпанија, Французинот ќе остане во Манчестер и ќе продолжи со рехабилитацијата од повредата и операцијата на скочниот зглоб.