Марин: Не сакаме нуклеарно оружје или воени бази на НАТО во Финска

9

Финска не сака НАТО да распоредува нуклеарно оружје или да постави воени бази на нејзина територија дури и ако Финска стане членка, изјави финската премиерка Сана Марин, пишува Ројтерс.

Финска и Шведска во вчера официјално поднесоа барање за приклучување кон НАТО алијансата, одлука поттикната од руската инвазија на Украина, но се соочуваат со приговори од Турција за пристапниот процес кој првично се очекуваше да биде релативно брз.

Марин, при посетата на Рим на средба со нејзиниот италијански колега Марио Драги, рече дека верува оти проблемот може да се реши преку дијалог.

„Мислам дека во оваа фаза е важно да се остане смирен, да се води дискусија со Турција и сите други земји-членки, да се одговараат на прашања кои можеби постојат и да се поправат сите недоразбирања“, изјави Марин за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.

Марин, исто така, рече дека прашањето за распоредување на нуклеарно оружје на НАТО или отворање бази во Финска не е дел од преговорите за членство на Хелсинки со западната воена алијанса.

„Ниту мислам дека има интерес за распоредување нуклеарно оружје или отворање бази на НАТО во Финска“, рече таа.

Премиерката Магдалена Андерсон од соседна Шведска, која како Финска аплицира за членство во НАТО, исто така рече дека нејзината земја не сака постојани бази на НАТО или нуклеарно оружје на нејзина територија.

Турција, членка на НАТО од 1952 година, изрази неочекувано противење на финското и шведското членство, обвинувајќи ги нордиските соседи дека засолнуваат лица поврзани со групи кои ги смета за терористички.

Финскиот претседател Саули Нинисто и шведската премиерка Андерсон се очекува да се сретнат со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон во текот на денов.

Италија силно ја поддржува апликацијата на Финска и Шведска за влез во НАТО и е подготвена да ги забрза сите внатрешни процедури за двете земји да се приклучат на алијансата што е можно поскоро, рече Драги во средата по средбата со Марин.