Маричиќ – Вал: Придонесот на Мисијата на ОБСЕ важен за евроинтегративниот напредок на земјата

2

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје ,Килијан Вал на која разговараа за приоритетните реформи важни за евроинтегративниот процес на земјата и можностите за продлабочување на соработката.

– Придонесот на Мисијата на ОБСЕ е клучен за реформскиот напредок и приближувањето кон Европската Унија, особено за демократизација на Северна Македонија. Преку различни проекти кои значително придонесуваат за процесот на европска интеграција, ОБСЕ има значајна улога во развојот на нашата земја и верувам дека ќе продолжиме со одличната соработка и во иднина, рече вицепремиерот Маричиќ.

Амбасадорот Вал, како што се наведува во соопштението, го поздрави напредокот нотиран во Извештајот и изрази уверување дека Мисијата ќе продолжи да прави сè што може за да ги поддржи реформските напори на земјата.

– На состанокот беше потенцирано дека Мисијата на ОБСЕ како и досега ќе продолжи да го поддржува спроведувањето на реформите, што ќе придонесе да се забрза интеграцијата и да се постигнат нашите поставени цели, членство во ЕУ до 2030 година, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ потенцираше дека следниот период Владата се фокусира на приоритетните реформи од Кластерот 1, „Фундаментални вредности“, особено на владеењето на правото и областите поврзани со доброто владеење и човековите права, во кои ОБСЕ има значајна улога и свој придонес за напредокот.