Маричиќ: Поглавјето 20 ја отвора вратата на пазарот на ЕУ за македонските компании

7

Фокусот на Владата е насоченa кон усогласување со пазарот на ЕУ, кој се карактеризира со конкуренција и иновации, како и на политички мерки и инструменти за намалување на последиците од енергетската криза, кои забрзаа неколку реформски процеси, изјави денеска во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето воведно излагање на билатералната скрининг агенда Поглавје 20 – „Претпријатија и индустриска политика“.

– Позитивните ефекти што ги носи примената на европски политики и стандарди во оваа сфера, се врз севкупниот развој на македонската економија. Владата усвои амбициозен план за забрзан раст 2022-2026 година. Комбинирано финансирање и зголемувањето на приватните инвестиции се во сржта на Планот, со неколку инструменти фокусирани главно на малите и средни претпријатија, хоризонтално поврзани со дигиталната и зелената агенда, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ, кој е главен преговарач на земјава со ЕУ, се осврна и на некои од  клучните реформи во Поглавјето „Претпријатија и индустриска политика“, кои ќе помогнат македонските компании да ги достигнат европските стандарди и да бидат конкурентни.

– Маричиќ ги потенцираше Планот за економски раст и Акцискиот план за индустриска политика, кои се однесуваат на зајакнување на конкурентноста на економијата, интернационализација, иновации и паметна специјализација. Во оваа насока, тој ги спомна и неколкуте стратешки документи, кои ги ставаат малите и средни претпријатија во фокусот почнувајќи од Стратегијата за мали и средни претпријатија 2018-2023, Планот за економски раст, Стратегијата за женско претприемништво и Индустриската стратегија, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

Тој посочи дека Стратегијата за малите и средни претпријатија ги содржи 10-те принципи од Законот за мали бизниси, со што се потврдува посветеноста на Владата да ја усогласи политиката за истите со клучните стратешки документи на ЕУ.

Маричиќ нагласи дека колку повеќе се усогласуваме со стандардите и принципите на развиените европски економии, толку повеќе ќе имаме странски и домашни инвестиции, а македонската економија ќе стане поконкурентна и одржлива на конкуренција што ја очекува на меѓународниот пазар.

– Како едно од достигнувањата во овој домен Маричиќ го посочи учеството на Северна Македонија во Програмата за единствен пазар 2021-2027 година, укажувајќи дека општите идни планови се да се продолжи со дизајнирање и имплементација на мерки и инструменти на политиката усогласени со принципите на ЕУ во индустриската политика со фокус на малите и средни претпријатија, зајакнување на административните и институционалните капацитети, следење и евалуација на стратегиите и мерките на политиката и понатамошно усогласување со Директивата за задоцнето плаќање, известуваат од неговиот Кабинет.

Оттаму информираат дека утре продолжува скрининг состанокот за „Претпријатија и индустриска политика“, а веќе следната недела продолжува билатералните скрининг агенди со последните поглавја од Кластерот 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“, Поглавје 17 – „Европска монетарна унија“ и Поглавје 29 – „Царинска унија“.