Масовни антивладини протести во Софија , најмалку 55 повредени (ВИДЕО)

9

Најмалку 55 лица се повредени вчера во Софија кога политичките противници на бугарскиот премиер Бојко Борисов се судрија со полицијата откако таа доби одобрение од парламентот за контроверзниот план за уставни измени.

На крајот на напнатиот ден, судирите се интензивираа во текот на вечерта во бугарскиот главен град, каде демонстрантите фрлаа петарди, камења и шишиња кон полицијата која ги чуваше зградата на владата и парламентот.

Повиците на организаторите за мир не се слушнаа, при што полицијата ги истурка демонстрантите од поголемиот дел од плоштадот и уапси 95 лица.

Ова е прв ден обележан со насилство од почетокот на секојдневните антикорупциски протести на почетокот на јули. Учесниците, без оглед на политичката припадност, бараат оставка од владата и јавниот обвинител Иван Гечев, кого го обвинуваат дека е „поврзан со олигарсите“.

Во средата, 127 од 240 пратеници му дадоа одобрување на конзервативниот премиер да започне повеќемесечна дебата за ова прашање, соопшти партијата Герб на Бојко Борисов, но антикорупционерите сметаат дека тоа е само обид да се добие на време.

„Оставка!“, „Мафија!“ Извикуваа илјадници пред зградата на парламентот обраќајќи му се на премиерот, фрлајќи предмети кон полицајците опремени со кациги и штитови.

Педесет и пет лица, вклучително и 37 полицајци, демонстранти и новинари, беа примени во болницата вчера вечер, најмногу поради труење, соопштија здравствените власти и полицијата.

Спреј и звучни бомби беа употребени за прв пат на протестите во Бугарија, а невладината организација Хелсиншки комитет протестираше против „непропорционалната употреба на сила“, што началникот на полицијата во Софија, Георги Хаџиев го негира.

95 демонстранти се уапсени, главно во судири што избувнаа во текот на вечерта, изјави полициски службеник.

Премиерот Бојко Борисов, кој е на власт од 2009 година, не сака да поднесе оставка. Неговата партија Герб во средата доби „зелено светло“ од парламентот за да започне дебата за изготвување на нов устав што треба да трае меѓу два и пет месеци.

Набљудувачите велат дека предлогот е конзервативците и нивните националистички сојузници да останат на власт до крајот на нивниот мандат во март 2021 година. Турската малцинска партија МДЛ и социјалистичката опозиција се противат на тоа, додека левицата посочува дека предлогот се обидува да ги ограничи овластувањата на претседателот.

Претседателот Румен Радев, кој ги поддржува барањата на демонстрантите, во писмо до пратениците повика да „излезат од оваа криза достоинствено“ и да сторат се што е потребно за одржување на нови избори.

Тринаесет години по пристапувањето во Европската унија, Бугарија останува најсиромашната и најкорумпирана членка, според индексот на перцепција на корупцијата објавен од невладината организација Транспаренси Интернешнл.

Многу демонстранти, интервјуирани од АФП, ја повикаа ЕУ да заземе став за ситуацијата во Бугарија.