Масовни протести во Салвадор, луѓето не сакаат биткоин како официјална валута

12

Еден ден откако биткоинот стана официјално средство за плаќање во една од најсиромашните земји во светот, Ел Салвадор, избувнаа масовни протести, при што вредноста на таа дигитална валута падна дури за 20 проценти, пренесува Би-Би-Си.

Необичниот и прилично смел експеримент на салвадорската влада и нејзиниот 40-годишен претседател Наџиб Букеле не помина како што тој се надеваше. Освен протестот и лошиот ден на берзата, имаше и технички пореметувања. Еден опозициски политичар утврди дека поради падот на вредноста на биткоинот, во еден момент тој се намалил од 52 илјади долари на 43 илјади.

За да ги поттикне граѓаните да учествуваат во експериментот и да почнат да користат биткоин за плаќање, владата донираше биткоини во вредност од 30 долари за секој граѓанин. Но, тоа не ги спречи илјадници граѓани да се соберат во главниот град и со палење гуми и фрлање петарди, да покажат што мислат за големиот план на владата.

Ел Салвадор е една од најсиромашните земји на светот и е далеку од модерните технолошки трендови. Повеќето, главно сиромашни граѓани немаат ниту банкарска сметка, а многумина немаат пристап до интернет.

Џенет Сандовал (70), продавачка од врата до врата, се противи на новата валута.

“Отсекогаш сум била отворена за промени, но не овој пат. Нашите корисници велат дека нема да платат со биткоин. Во нашата земја има многу неписмени, и тие едвај знаат да користат мобилен телефон.“ вели таа за Би-Би-Си.

Протести во Ел Салвадор поради воведувањето на биктоин како официјална валута/ Фото EPA-EFE/Rodrigo Sura
За разлика од Ел Салвадор и некои други земји од Латинска Америка кои размислуваат дали да го следат неговиот пример, дел од земјите во светот, пред се Кина, се занимаваат со зголемена регулација и ограничување на криптовалутите.