Мбапе им се извини на фановите: Сега тешко ќе можам да заспијам

4

Можеби фановите се разочараа поради првичното одложување поради пандемиските околности на Европското фудбалско првенство, но во името на сите може да се каже – чекањето вредеше.

Голови, возбудливи моменти, елиминација на фаворити, пад на европските и светските прваци. Франција е последната во низата „големци“ кои го завршија своето учество на дисперзираниот европски собир, откако во трилер-меч со шест погодоци, загуби во пенал серијата од потценетата Швајцарија.

Трагичар за триколорите беше младата ѕвезда на Париз Сен Жермен, Килијан Мбапе. Брзоногиот напаѓач и во текот на 120-те минути не беше во препознатлива форма, впрочем како и на целото ЕУРО 2020 и шансите кои вообичаено ги конвертира во голови вчеравечер во Букурешт не успеа да ги искористи и да му помогне на својот тим.

Како „шлаг на тортата“ е промашување на решавачкиот петти пенал за Франција, промашување кое значеше и прерано заминување на светските владетели од европскиот фудбалски крем.

На социјалните мрежи се огласи и дваесет и двегодишниот Мбапе. Тој им се извини на навивачите за промашениот пенал, велејќи дека сакал да помогне на тимот и дека тој пенал нема да му даде сон уште долго време.

-Жал ми е поради пеналот. Сакав да помогнам на екипата, но не успеав. Најважно е да се вратиме уште посилни за следните репрезентативни обврски. Поради пеналот нема да можам да спијам уште долго време. Честитки за Швајцарија и среќно понатаму, напиша Мбапе.

Швајцарците во 1/4 финалето ќе се соочат со селекцијата на Шпанија, додека пак две од трите репрезентации од т.н „група на смртта“ веќе испаднаа во раната фаза од елиминациите. Покрај Франција и Португалија „запна“ на Белгија во неделата.